Скупи

Во подножјето на Зајчев Рид, од левата страна на реката Вардар, во непосредна близина на населба Злокуќани, пронајден е уште еден од многубројните археолошки локалитети во Македонија, античкиот град Скупи, древниот предок на Скопје.


Пред доаѓањето на Римјаните на овие простори, градот е македонска градска населба, а со Римјаните, градот прераснал во дедуктивна колонија со што започнал општиот развиток и процвет. Скупи се наоѓал на една важна сообраќајница која ги поврзувала Егеј и Средна Европа, а во помала мера и Тракија со Јадранското Море. Ваквата местоположба, а воедно и неговата големина и невообичаената правоаголна рамка, упатува на фактот дека овој град бил некогашен легиски каструм (касарна).

Пронајдените историски податоци зборуваат дека, во 313 год., Скупи станал епископско седиште, а нешто повеќе од еден век подоцна и архиепископско. Овој град својот голем економски и културен подем го забележал во два различни временски периоди, првиот во I и II век, а вториот во раниот IV век по Христа.Скупи бил и мета на многубројни напади од страна на разни варварски племиња, кои оставиле свои траги на неговата територија. Градот ја доживеал истата трагична судбина како и многуте други градови во Македонија, страдајќи во катастрофалниот земјотрес што во 518 год., го потресол поголемиот дел од Македонија.Според пронајдените писмени извори, населението не настрадало бидејќи предходно, поради зачестените и се пожестоки напади од страна на непријателските племиња, побарало прибежиште во блиската околија.

Археолошките истражувања на оваа античка населба откриле градби со чија помош се реконструира ликот на некогаш виталниот град Скупи. Во неговиот централен дел се наоѓала Базилика I, што претставува трикорабна градба со двојна апсида свртена кон запад. Подните површини се во мозаик во кој претежно се среќаваат геометриски шари. Во текот на научните истражувања во објектот се пронајдени голем број делови од декоративна и друга архитектонска пластика, меѓу кои од особена важност е добро сочуваниот коринтски капител. Базиликата I со поголемиот свој дел лежи врз остатоци и урнатини на некои градби од постара фаза. Судејќи според ова, а особено според нејзината монументалност и структура и извонредната внатрешна декорација, оваа базилика датира од раниот IV век по Христа.

На северниот крај на градот се издига прекрасниот антички театар во кој биле изведувани драмски претстави. Изграден е во II век од новата ера, според римска шема. Бројните остатоци од декоративната архитектонска пластика укажуваат на тоа дека оваа театарска зграда била богато украсена. Неговата монументалност зборува за театарот како објект со исклучително голема важност зашто во тоа време, во него се одвивал целокупниот културно-забавен живот во градот.
Под театарот, на неговата југозападна страна, сместена е Базиликата II која како и првата е со три кораби. Нартексот е на западната страна, а на источната страна се наоѓа полукружната олтарна апсида. Северно од нартексот е изградена Пастофорија, а нејзиниот пандан на јужната страна не е сочуван поради големото оштетување.

Југоисточно, до јужниот кораб се наоѓа Баптистериумот. Дел од базиликата лежи на слична конструкција, што индицира на постоење на постар објект кој би можел да биде еднокорабна базилика. Помеѓу корабите на базиликата II постоела колонада и меѓу столбовите имало двојни ниши украсени со фрески кои се со разнобојни геометриски мотиви. На обата краја од нартексот постоеле влезови. Во нејзината внатрешност пронајдени се мермерни капители, ажурирани розети и друг вид архитектонска декорација. На подот од базиликата нема никакви траги од мозаик, но според состојбата во која се наоѓа подот може да стане збор за основа за поставување на мозаик. Подните површини на нартексот и на северната пастофорија се покриени со тули.
Базиликата II датира од крајот на В век и почетокот на VI век. Таа имала доминантна позиција во тогашното Скупи што го докажува самата техника на градба, како и парите на римски владетели пронајдени под нартексот. Недоволно застапениот црковен инвентар наведува на претпоставката дека базиликата се уште била во градба кога се случил земјотресот.

Јужно под античкиот театар се наоѓа уште една градба од античко време. Станува збор за палата која ја сочинуваат неколку поголеми простории. На ѕидовите на една од овие простории се насликани фрески чија орнаментика е изведена во разнобојни геометриски шари. Ова говори за свечениот карактер што го имала оваа просторија.

Неодвоив дел од градот претставуваат градските гробишта - некрополи, каде се откриени голем број драгоцени пронајдоци кои придонеле во составувањето на историскиот мозаик на градот. Во нив се застапени предримски, раноримски и доцноримски гробови. Според начинот на закопувањето, гробовите на овие некрополи се разгледуваат во две групи, и тоа со инхумација (скелетен закоп) и со кремирање (палење на телата на покојните). Друг показател што може да послужи како временска одредница е гробната архитектура и конструкција.

Пронајдените материјали и предмети го покажуваат различниот социјален статус на граѓаните на Скупи, неговите културни и економски белези кои говорат за еден град како значајна станица на патот Виа Егнатиа.

Врз основа на изложеното може да се предочи дека Скупи нуди големи можности за проучување на целокупната античка македонска историја и култура но и римската а и пошироко на Балканот.