ВО БАНИЦА - ТРАГИЧНАТА СМРТ НА ГОЦЕ

Гоце Делчев на пат за Ловчанската корија на Али - Ботуш, каде што требало да се одржи конгресот, на селскиот револуционерен округ за да се произнесе по прашањето за востанието, запрел во с. Баница (Серско).


Таму се сретнал со четите на Димитар Гуштанов и Бродилијата. Таму се затекнал и Димо Хаџи Димов.

Делчев и неговите другари не претчуствувале за движењето на турските трупи, кои постепено ја опкружиле Баница. И веќе изутрината на 4 мај, започнал да се стега обрачот околу Гоцевата чета. Така наоѓајќи се во таквите тешки услови , паднал во заседа, опкружен од турскиот аскер, и тука загинал.

Димо Хаџи Димов кој се наоѓал во Гоцевата чета за загинувањето на Гоце пишува: ,,Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата . . . Затоа осиромашуваше цел еден народ".

Смртта на Гоце, се чини, не е случајна. Сите патишта водат кон предавство. Но кој е предавникот или предавниците? Но како и да е трагичната судбина на Гоце Делчев ја завиле Македонија во црно. Бројните прочитувачи на неговата личност и дело почуствувале ненадоместлива загуба. Со смртта на Гоце го снема граничниот бедем што со својата џиновска сила ќе го запре трагичниот тек на настаните. Предвременото и исфорсирано востание се збидна и донесе само опустошување и пеплишта. Македонија заличи на она, од што се плашел Гоце и од кое сакал да ја спаси.

За смртта на Гоце, високата Порта, со издавање на официјално соопштение, ставила посебен акцент на настанот. Османлиското задоволство било големо. Гоцевата трагична смрт наоѓа место во дипломатските извештаи, како и во европскиот печат.

Така слегува од историската сцена најдинамичната личност на македонското националноослободително движење во предилинденскиот период, која оставила неизбришливи траги во македонската историја.