Матеја Матевски

Поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач. Роден е на 13 март 1929 година во Истанбул.


Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел во Македонската радиотелевизија како новинар, уредник на културните и литературните програми, потоа како главен уредник и директор на Телевизија и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Ја вршел функцијата претседател на Републичката комисија за културни врски со странство и член на Претседателството на СР Македонија. Бил уредник во книгоиздателството Кочо Рацин. Предавал Историја на светската драма и театар на факултетот за драмска уметност во Скопје. Бил уредник на литературните списанија Млада литература и Разгледи. Бил претседател на ДПМ и на Советот на СВП, на Рацинови средби и на Македонската книжевна фондација. Член на МАНУ и почесен потпретседател на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1956 година. Дописен член на северноамериканска Академија на шпански јазик.

Автор е на книгите: Дождови (поезија, 1956), Рамноденица (поезија, 1963). Перуника (поезија, 1976), Круг (поезија, 1977), Липа (поезија, 1980), Раѓање на трагедијата (поезија, 1985), Од традицијата кон иднината (критика и есеистика, 1987), Драма и театар (театарска критика и есеистика, 1987), Оддалечување (поезија, 1990), Црна кула (поезија, 1992), Завевање (поезија, 1996), Светлината на зборот (критика и есеистика), Мртвица (поезија, 1999), Внатрешен предел (поезија, 2000).
Добитник е на наградите: „Награда на ДПМ“, „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Григор Прличев“, „Кочо Рацин“, „Книга на годината“ на Македонската книжевна фондација, „Празник на липите“, Климент Охридски“, Големата награда „Македонско слово“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Горанов венец“, Луковдол, Хрватска, „Блез Сандрар“ во Ивердон (Швајцарија), „Премио Медитеранео“ - специјална награда (Палермо, Италија), „Фернандо Риело“ - светска награда за мистична поезија - за книгата „Црна кула“ (Мадрид, Шпанија), „Жупанчичева листина“ на ДПС (Љубљана. Словенија), „Ергуван“, Чаталџа (Истанбул, Турција), „Атлантида“ (Лас Палмас, Шпанија). Носител е на француските одликувања Легија на честа и Уметност и литература.
Објавени му се 30 книги поезија на 20 странски јазици; објавил над 40 книги преводи од шпански, француски, словенечки, руски, албански и српски јазик.