Веле Смилевски

Поет, есеист, литературен критичар и научен работник. Роден е на 6 мај 1949 година во Ново Село, Демирхисарско.


Завршил Филолошки факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот Универзитет магистрирал и докторирал. Бил новинар во весникот „Нова Македонија“, уредник во книгоиздателството „Мисла“ и МРТ. Бил акредитиран новинар на Македонското радио, дописник од Прага (1994-1997). Работи како научен советник во Институтот за македонска литература и е доцент на Студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Остварил студиски престој на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва (1989-1990) и бил лектор по македонски јазик и литература на Карловиот универзитет во Прага (1994-1997). Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата и секретар за меѓународна соработка на ДПМ. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1972 година. Сега е претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на книгите: Слика што согорува (поезија, 1974), Кафез (поезија, 1978), Диши длабоко (поезија, 1985), Одзив на здивот (поезија, 1987), Крстопати на зборот (критики и есеи, 1987), Критички нотес (1988), Поетика на сонот (студија, магистерски труд, 1988), Подвижни точки (поезија, 1990), Книжевни посланија (критики и есеи, 1991), Гребнатинки (поезија, 1992), Процеси и дела (критики и огледи, 1992), Аспекти на македонската книжевност 1945-1985 (книжевно-историска студија, докторска дисертација, 1993), Фокусирања (критики и есеи, 1998), Аспекти на новинарската теорија и практика - жанрови (студија, 1999), Литературни студии (2000), Педесет песни (поезија, 2000).
Коавтор е на петтомната едиција Македонската книжевност во книжевната критика (1973). Приредувач е на книгите: Македонска поезија ХХ век (1989), Македонскиот расказ (1990). Коавтор на публикацијата Литературен преглед (1980-1985).

Добитник е на наградите: „Млад борец“, „13 Ноември“, „Крсте Мисирков“ и на Наградата за најдобра критика во Македонија.