Антон Панов

Поет, раскажувач, драмски писател. Роен е на 13 април 1906 година во Стар Дојран.


Починал на 28 август 1968 година во Струмица. Еден од најистакнатите македонски драмски автори меѓу двете светски војни. Поезија почнал да пишува уште како ученик непосредно по Првата светска војна, а наскоро ќе се оформи како прозаист и драмски писател. Од овој период датира и неговиот незавршен роман Живи гробови.

Најголем дострел ќе доживее со изведбата на неговата драма Печалбари (1936), која освен во Скопското народно позориште ќе биде изведена и во Белград, Ниш и во други места. Автор е на расказите: Роденденот на Серјожа Јегоркин (1928), Тимка (1930), Го јаделе болви (1930). Автор е на драмите: Печалбари (1936), Стега (подоцна преработена под наслов Вероника, 1939), Препородени (1950), Самракот (1951), Градинар (1958), Пиликатник (1959).