Александар Поповски

Поет, раскажувач, романсиер, писател за деца. Роден е на 28 април 1932 година во Ново Косово, Приштина, Југославија.


Основно образование и гимназија завршил во Кавадарци и Скопје. Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана. Работел како новинар во Радио Скопје, „Трудбеник“ и „Вечер“, како и во „Детска радост“, главен и одговорен уредник на „Развигор“. Сега е главен и одговорен уредник на издавачката дејност „Александар и Александар“ во Скопје. Член на ДПМ од 1962 година.

Автор е на книгите: Проѕирност и повеви (поезија, 1956), Уморени реки сонца (поезија, 1961), Боите на радоста (поезија, 1964), Заприоко (поезија, 1966), Жарипат (поезија, 1968), Лулка на осознавања (поезија, 1968), Еден ден војна (раскази за деца, 1968), На што личи снегот (раскази за деца, 1969), Најубавиот букет (раскази за деца, 1970), Градот на гулабите (раскази и сказни за деца, 1970), Калач на извори (раскази и сказни за деца, 1972), Лето во Славино (роман за деца, 1972), Багремник (поезија, 1973), Коњ во бунарот (раскази за деца, 1975), Летачка (раскази за деца, 1979), Разлетување (роман за деца и млади, 1980), Есента на балоните (поезија, 1983), Прозорец на седмиот кат (поезија за деца, 1983), Ветринки (раскази за деца, 1984), Летувалците од Славино (роман за деца и млади, 1985), Дождови и поплави (роман за деца и млади 1988), Затворена бесоница (поезија, 1989), Кога се зароди песната (роман за деца и млади, 1989), Окото на срцето (сказни, 1989), Бакнеж за сеќавање (роман за деца и млади, 1990), Грвалашка (поезија за деца, 1991), Мудри и збеснати (поезија за деца, 1994), Насетени грмотари (поезија, 1995), Правоаголен круг (роман, 1998), Изнесена жар (поезија, 1999), Кнеже еже (поезија за деца, 1999). Составувач е на антологиите: Огледала (панорамска антологија на современата македонска кратка проза, 1984) и Антологија на македонската проза за деца на албански јазик (1985).

Добитник е на наградите: „РТВ Скопје“ (двапати) и „Младо поколение“.