Македонското единство во САД

Христов ја дава и Македонската “племенска сплотеност” и разбирање, работејќи во тајфи ширум САД, за што вели:


“Тајфата навлезе во еден систем на живеење и работа установен несомнено од поранешните групи. Готвачот, пекарот, помошниците на готвачот, трите комесари што купуваа намирници и ги водеа сметките се избираа со гласање. Постоеше една племенска солидарност која силата на Пат (шефот – н.з) за да отпушти работник ја правеше номинална. Ниту самата компанија не можеше да отпушти еден работник без согласност на тајфата, таа можеше да ја отпушти само целата тајфа. Сепак тајфата не беше организирана во синдикална смисла ; повеќето работници дури и не чуле за работнички или индустриски Синдикат. Племенската, темелна солидарност, сите ја разбираа, и шефот и компанијата. Никој оваа работа не ми ја објаснувал. Таа постоеше и јас просто ја сфатив... Млади и стари, учени и неписмени, беа рамни; никој не беше поголем од другите. Имаше почит кон тие што вршеа тешка работа, како клинчарите, зашто платата беше иста за сите.“

Врските на Македонците – емигранти во САД со “стари крај”

Емигрантите од САД со Македонија одржуваат врски главно со писма:
“Завчера имаше пошта од стариот крај, а таму тие ќе чујат новости од други што добиле писма. Писмата од стариот крај доаѓаа на купови. Понекогаш писмата што биле пишувани пред една недела или десет дена подоцна или порано доаѓаа со истата пошта.
Со вчерашната пошта еден од нашите, Дамјан, прими две писма, и двете напишани со раката на неговиот 14 - годишен син. Бидејќи читањето и пишувањето беа за Дамјана длабока мистерија, писмата му ги читаше Климе, кој никогаш не одел на училиште, но со натчовечки усилби навлегол во мистеријата која за Дамјан остана неодгатната...
Едно од Дамјановите писма беше напишано по Богородица, и во него ноговиот 14 – годишен син расправаше како нему и на мајка му им недостигал Дамјан на тој голем празник. Додека Климе ја држеше книгата и ги срицаше зборовите, Дамјан ја нишаше главата чудејќи се како овие зборови, што син му ги ставил на ова парче хартија таму дома, преминале толку многу земја и вода за да му ги читаат овде во Сент Луис. Дамјан се гордееше со својот син “.