За трудот во САД и оној во Македонија

Кога подоцна почнува да добива плата и станува роб на фабричката работа тој најпластично го опишува моментот на отчовечување кога вели:


“Десет часови бев впрегнат во машината, за кое време одвај да прозборев збор и слушав само фрчење на тркалата и непроменливо ритмичко тркање на машините. Сето тоа беше временски прекин на животот, еден вид отчовечување. Се разбира, тоа беше поврзано со платниот плик. Оној мала кафеав плик – тоа беше 6 дена разделеност од животот. И мене ми се чинеше дека бев платен не толку за вршење некоја тешка работа – бидејќи не беше тешка – колку за не-живеење “.

- И продолжува веднаш со разјаснувањето на разликата меѓу трудот во Америка и оној во стари крај, во родната Македонија. За ова вели:

“Во стариот крај трудот беше дел од животот. Трудот и животот беа неразделно сврзани едно со друго.Постоеше единство меѓу тој што работи и тоа што е сработено.

Кога ги режеш лозите, знаеш зошто тоа го правиш и можеш да видиш сокот како тече од окото на расечената лоза како солзи од човечко око. Кога ќе замавнеш со косата во ливадата, ќе чуеш како тревата воздишува додека паѓа во пластови пред твоите нозе. Самата коса саска како змија додека ја голта тревата. Во стариот крај се што работиш разбираш. Да, имаше сродство меѓу животот и трудот, меѓу потта од твоето чело и солзите на лозата, меѓу твојот соствен здив и издишувањето на земјата.“

- Македонците идејќи масовно во САД, се секаде каде нешто се гради - тие ги градат САД. По фабриките, тие градат и железници – крвотокот на САД. Раскажувачот ова вака го соопштува:

“Пругата пред нас беше само едно коланче на земјиното бело пространство. Над овој челичен појас стотемина, како оживотворени откорнати бурјани, се ведеа и се извиваа, дупчеа и гребеа. На белите гради на Американската земја ние ковевеме еден челичен гердан – положен во пранга плоча, зглобен со бургии и везици, нашаран со клинци. И таму тој ќе лежи припиен за земјата, неподвижен “.

- Мигот кога Македонците – градители, ја сфаќаат користа од градбата (по изградената линија ќе протатни воз), вака го опишува:

“Срцето ми тупна во градите кога предното тркало се заврти по “јазикот“. Следниот миг тоа беше на новата шина, а потоа на спојот што јас го имав зглобено со бургии и везници и понатака преку новата пруга за која мислев дека е пруга – играчка. Несвесно извикав и замавнав со алатот како со боздоган. Тогаш еден хор од стотина гласови ја разбуди преријата од нејзината смрзната летаргија. Во секој глас имаше топлина и радост како локомотивата да возеше екипа за помош што доаѓа од населениот свет при нас заборавените на голотијата од една студена и запустена Америка...

Во многуљудниот Сент Луис никогаш не се почувствував толку блиску до Америка како тука во оваа беспатна прерија. Кога го фаќав челикот и сврзував шина со шина, јас знаев дека и самиот се сврзувам со новата земја и си го градам својот сопствен цврст пат кон новиот живот “.