МАКЕДОНСКА СРЕДНОВЕКОВНА ЦРКОВНА ДИПЛОМАТИЈА

Ретко која христијанска црква во источната и во западната хемисфера имала толку многу развиена, активна, вешта и успешна  дипломатија  како  Патријаршијата  -  Прва  Јустинијана Охридска.


Тоа не е случајно, зашто македонските простори биле изворот на христијанството, кое преку Македонија и Виа Егнатиа се ширело кон Европа и светот. На историската сцена охридската црковна дипломатија се јавила многу одамна, уште во првите векови на Христовата вера, веднаш по создавањето на првите црковни општини на македонска почва, прво во Солун и во Бер, а подоцна во Скопје и во Охрид, кои ги формирал  првиот  евангелизатор,  апостол  Павле,  заедно  со неговите ученици Сила, Тимотеј и Лука, и непрекинато во континуитет  суштествувала  сè  до  укинувањето  на  Охридската патријаршија. Во најголем број случаи божествени носители на тие мисии биле поглаварите на архиепископско-патријаршиската катедра и епископските (епархиските) архијереји и владици, кои се покажале способни и "вешти во духот, зборот и верата", да можат да вршат верско-политичка мисионерска дејност. Тие патувале по црковните општини и по епископиите (епархиите) во специјални канонски визитации, со задача да го шират христијанството и да помагаат во воспоставувањето на црковниот ред и поредокот во нив.

Потребата од уредување на црковните работи врз канонска, духовно-правна и политичка основа и за меѓусебно поврзување и соработка, ги терало тие први клетки на христијанството да подготвуваат свои луѓе за емисари, способни да можат да вршат општествени црковно-народни дејности. За успешно извршување на оваа општествена црковна функција се регрутирале луѓе, не само од редот на црковниот клер, туку и од сановниците. Со нив работеле искусни лица, кои се истакнале во извршувањето на таа дејност. Во прво време оделе  во  црковните  општини,  меѓу  сановниците,  ја  проповедале Христовата вера, ги пренесувале стекнатите искуства во уредувањето на црковниот ред и поредокот и ги воспоставувале врските за подобра меѓусебна комуникација и соработка во  сите сфери од црковниот живот. Подоцна, кога биле создадени крупни црковни институции и организации, улогата и функцијата на тие луѓе станала многу поголема и посложена. Имено, сега тие веќе почнале да вршат и еден вид дипломатска дејност, во вистинска смисла на зборот, која се состоела во воспоставување контакти и пренесување пораки меѓу одделни црковни организации, од една, и меѓу црковните и државните органи и институции, од друга страна.

Првите емисари кои го трасирале  патот  на  македонската  црковна  дипломатија  во  ранохристијанскиот   период   биле   солунскиот  архиепископ  Јован,  скопскиот  митрополит  Урсилиј  и  охридските епископи – Еразмо, Антоние и Лаврентие. Тие воделе интензивна и многу жива дипломатска преписка со Цариград, со царскиот двор и со Цариградската црква.  Особено  се  истакнувал скопскиот митрополит Урсилиј, кој тесно соработувал со императорот на Источното римско царство, со царот Лав, по повод Халкидонскиот собор, одржан 451 година.

На овој IV Вселенски собор христијанските  цркви  ја  прифатиле  догмата  за  две  природи  во Христа,  како  неделиви,  но  и  несоединети, осудувајќи ја со тоа несторијанската  и  монофизитската ерес, која се ширела со загрижувачки размери. Тој и неговите претходници често патувале и во Цариград, во дипломатска мисија, за усогласување на црковните  догми,  за  територијално  разграничување  на  христијанските општини и епископии и за други прашања кои се однесувале на христијанската вера.

 По создавањето на Охридската архиепископија (Јустинијана Прима, 535 г.), црковната дипломатија добила нови пошироки  димензии. Нејзините поглавари - Кателијан, Јован I и Леон се покажале како многу вешти и искусни дипломати во поглед на средувањето на прашањата поврзани со границите на црковните општини и епископии, кои во тоа време биле многу актуелни, и во спречувањето на ширењето на монофизитската ерес во православните средини. За архиепископите Јован I и Леон се знае дека учествувале на вселенските собори на кои се  усогласувале  ставовите  по  христијанските  правила  и  за ингеренциите  на  Цариградската  црква  во  однос  на  другите православни цркви, која во тоа време играла улога на црква координатор. Исто така, тие ангажирано работеле и на уре- дувањето на меѓуепископските односи, од една, и на односите меѓу епископиите и Архиепископијата, од друга страна. Со тоа биле поставени основите на црковниот ред и поредокот, на правилата на однесување во меѓусебната комуникација и на соработката во сферата на црковната просвета, културата и образованието.

Во  многу  повисок  стадиум  македонската  црковна  дипло- матија се развила во времето на Светите браќа Кирил и Мeтодиј, која имала не само локален, туку и меѓународен карактер. Тие отвориле нова страница во словенската цивилизација и со своите дипломатски мисии омеѓиле нова епоха во историјата на Балканот и на Европа. Овие духовни великани, придружувани од своите ученици, од светите Седмочисленици, меѓу кои превасходна улога имале браќата Климент и Наум, презеле врз себе многу тешка и одговорна задача - да го шират словото на христијанството и просветата и културата меѓу еднородните словенски маси, истовремено вршејќи и државно-политичка и воена функција. Историските мисии, Брегалничката,  Полихронската,  Хазарската  и  Моравската,  претставувале висок дострел на македонската дипломатија во раниот среден век, кои словенскиот род го облагородиле со нов христијански дух и со ново словенско писмо и книжевност. Тие оставиле крупна и неизбришлива трага во историјата на човековата цивилизација. Овие великани со мисиите високо го издигнале македонскиот народ во светот и го поставиле како основоположник  на  првата  словенска  просвета  и  култура.

Преку нивната дејност македонскиот народ прв меѓу Словените организирал Архиепископија, а потоа Патријаршија, која го водела низ вековите, го чувала од туѓите верско-национални посегнувања и апетити и го бодрела и крепела духот на опстојувањето во вековите на ропството.

За жал, за некои историски периоди немаме поопипливи информации и податоци за тоа како се одвивала мисионерскодипломатската дејност, кои биле нејзините носители, од кои средини потекнувале, и воопшто - на кои пунктови и прашања во  меѓуцрковните,  црковно-државните  и  во  меѓународните работи се одвивала таа активност. Несомнено е дека и во тие т.н. темни периоди од историскиот развој битно не заостанувале таквите активности, што се заклучува од богатата дипломатска дејност во меѓупериодите, односно во т.н. светли периоди. На пример, нема ништо опипливо за периодот на владеењето на македонската династија на комитопулите, на Шишман Мокри, на цар Самуил и на неговите наследници - Гаврил Радомир, Јован Владимир и Петар Дељан. По Климент и Наум, до пред XIV век, има податоци само за охридскиот патријарх Јован Дебарски, кој на охридскиот престол дошол со службена грамота издадена од византискиот император Василие II Македоноубиец. За него се знае дека уживал почит и углед, како кај неговата паства, така и во византискиот двор. Благодаре ние на добрите односи со царскиот двор, успеал и во византиско време да ја зачува автономијата на Охридската патријаршија со нејзиниот чисто македонски словенски дух и карактер. Како плод на неговата умешност во водењето на црковните работи, особено во односите со царскиот двор, успеал да издејствува три грамоти, со кои била потврдена автокефал носта на Охридската црква, а му биле вратени и неколку епархии кои за време на бугарското царство насилно й биле од земени.

Овде не зборуваме за класична дипломатија каква што денес имаме, како институција и установа, како специјално административно тело, односно служба или министерство, кое се грижи за водењето на надворешната политика на една земја или црква во меѓудржавните, односно во меѓуцрковните работи, туку исклучително за индивидуални потфати на претставниците на високото свештенство, надлежни или овластени да можат да извршуваат одделни задачи во меѓусебните односи, да преговараат или да се договараат за одделни суштествени прашања, кои биле од заеднички интерес за надминување на меѓусебните конфликти и недоразбирања или да може да се издејствува некакво канонско или политичко право за остварување на некои општоцрковни цели и интереси, кои можеле да помогнат да се подигнат угледот, влијанието и позициите во паствата, во општеството или во меѓуцрковните, односно во меѓународните односи.

Во пишаните извори за македонската средновековна црковна историја има многу примери, кои сведочат за плодната ми- сионерско-дипломатска дејност на некои црковни големодос- тојници во развојот и унапредувањето на односите на Охрид- ската со другите христијански цркви и држави, за решавање на одделни прашања, кои биле пречка во меѓусебното разбирање и соработка, ги оптоварувале односите и ги оддалечувале, што негативно се одразувало на христијанството. Карактеристично за  постсамуиловиот  период  е  дека  архијерејите  од  високото македонско свештенство кои доаѓале на патријаршиската и на епархиските катедри во Охридската црква, а произлегувале од автохтоната партија, со сите сили настојувале да ги нормализираат нарушените меѓупатријаршиски односи, настанати како последица на османлиските освојувања на Балканот, постојано стремејќи се кон афирмирање на општоцрковната христијанска кауза, кон братство и еднаквост, ослободена од духовни, просветни и територијални претензии, подјармувања и реваншизми и од заканите за фрлање шизма и сл. Сè тоа се правело во согласност со традиционалните црковни канони и правила. Не секогаш за ваквите стремежи имало одобрување и поддршка од Цариградската црква, која иако ги изгубила позициите во Источната екумена, и натаму настојувала вештачки да го задржи приматот на водечка христијанска црква на Балканот и во Мала Азија, а територијално била сведена само на Цариград, без своја диецеза и без ниту една епархија.

Овие стремежи дошле до израз во втората половина на XIV век, кога во македонското високо свештенство дошла нова ге- нерација интелектуалци, со висок духовен, морален, политички и патриотски дух.

Новиот дух, кој се стремел кон меѓусебно разбирање, евангелиска слога и толеранција, а против меѓуцрковни идеолошко-политички судири и конфликти, го промовирал охридскиот патр. Матеј I.

Тој "бил мудар, енергичен и лукав дипломат", исто почитуван кај македонските и кај грчките архијереји и владици. Негова животна цел било не само да ја зачува целовитоста на Охридската црква, нејзиното духовно, културно и политичко влијание и улога во христијанскиот свет, туку кон неа да ги приклучи и сите епархии кои покажувале наклонетост кон  Охрид,  а  биле  номинални  кон  Цариградската  црква.  Дејствувајќи  во  таа  насока  применил  т.н.  висока  дипломатија,  а како резултат на тоа Патријаршијата Прва Јустинијана Охридска,  како  што  самиот  ја  титулирал,  ја  подигнал  на  повисоко духовно рамниште, по што таа станала најголема и највлијателна црква во Источната екумена. Со вешти дипломатски потези ја придобил наклонетоста на малоазискиот кнез Џунеид, управител на османлиските власти во Охридската област, што му по- могнало  да  ги  припои  Софиската  и  Видинската  епархија,  кои пред тоа биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија, а подоцна ги припоил и епархиите кои й припаѓале на укинатата Трновска  архиепископија.  На  ваквите  потези  на  патр.  Матеј  I остро реагирала Цариградската патријаршија, која се заканила дека ќе й фрли шизма, со намера да ја изолира и обезличи во православниот свет.

Во тие сложени околности до израз дошле мудроста и ди- пломатските способности на Матеј I. Настојувајќи нарушените односи меѓу двете цркви да не добијат драматичен тек и неса- кани последици, отишол во Цариград и на императорот Мануил Палеолог му ги предочил хрисовулите издадени од византис- ките императори Јустинијан I, Василиј I, син му Лав VI  и од Василиј  II,  според  кои,  новоприпоените  епархии  и  претходно  канонски й припаѓале на Охридската црква, по што издејствувал нова грамота која, со согласност на Синклитот и на Патријаршискиот синод, му давала право да управува со Софиската, Видинската епархија и со другите епархии од императорските хрисовули издадени пред Палеолог, а со кои дотогаш неканонски управувала Цариградската патријаршија. По официјалното државно-правно регулирање на границите на Охридската диецеза биле припоени и епархиите во подунавските кнежевства, Влашко и Молдавија (тоа се случило пред 1393 година, кога државните и верските власти на кнежевствата пројавиле желба да й се приклонат на Охридската патријаршија). Со овие потфати патр. Матеј I во историјата на Македонската охридска црква се вгради како најзаслужен црковен големодостојник и апологет, кој максимално ја проширил Охридската диецеза, враќајќи й ги нејзините канонски епархии и територии од времето на Јусти- нијан I. Тој бил вешт дипломат и политичар, кој во многу сло- жени услови се изборил да го зачува автокефалниот статус на Охридската патријаршија за подолг  период. По истите стапки продолжиле и неговите наследници, охридските поглавари Ни- кодим, Доротеј, Прохор и Григориј I. Иако живееле во време на изразити општествени и политички противречности, во кои сè било подредено на воено-политичките и на верските интереси на Османлиското царство, кое настојувало "семето на исламот да го посее во што повеќе христијански средини", мудро и веш- то водејќи ги црковните работи, тие сепак успеале да ги зачу- ваат придобивките и позициите на Патријаршијата, настојувајќи да ги подобрат со добро осмислени дипломатски потези, во Охридската диецеза и во односите со другите православни цркви во Источната екумена. Воделе голема борба за да го заштитат своето сословие од агресивниот и непредвидлив ислам, да ги зацврстат  врските  меѓу  сестринските  цркви  и  да  го  заштитат македонскиот карактер на Охридската црква од туѓите инородни  влијанија,  особено  од  грчкото,  постојано  ширејќи  ги  просветата,  културата  и  образованоста.  Мисионерско-дипломатските активности некои поглавари ги насочувале кон уривањето на меѓуцрковните бариери, кои вештачки ги создавала Цариградската патријаршија, со цел да се издигне како водечка црква, наметнувајќи се духовно, просветно и политички, иако нејзините позиции во христијанскиот свет биле целосно изгу- бени пред паѓањето на Цариград под Турците (1453). Со ваквите заложби и активности охридските поглавари се издигнале како почитувани духовни пастири и успешни црковни мисионери и дипломати меѓу паствата, особено во меѓународните, меѓуцрковните и во црковно-државните односи, а придонеле Охридската  патријаршија  да  го  добие  местото  кое  го  заслужувала.

Особено  карактеристични  биле  мисионерско-дипломатските активности на патр.Никодим, кој сакајќи да ја зацврсти врската и  кохезијата  во  Охридската  диецеза,  често  одел  во  канонска посета и во најоддалечените епархии. Нему му се припишуваат сите заслуги за зацврстувањето на врските со Влашко и Молдавија, каде бил два пати, еднаш на покана од молдавскиот војвода  Александар  Стари,  кога  го  ракоположил  свештеникот Теоктист за митрополит на Молдавската епархија. На покана од рускиот митрополит Иоан ја посетил Русија, со која воспоставил тесна соработка на црковно и на државно ниво. Прогрчки настроените епархии "ги придобивал со мудрост, растурајќи црковни книги и ракописи со слободни текстови" и отворајќи училишта за свештеници, преведувачи и препишувачи, настојувајќи во нив просветата да ја подигне на повисоко ниво. Во тој поглед не заостанувал и неговиот наследник патр. Доротеј, кој "смело чекорел по стапките на своите претходници". Два пати бил во канонска посета во Влашко, Молдавија и Малорусија "за да ја зацврсти својата власт" над тие епархии, врз кои Цариградската патријаршија  вршела  енергичен  притисок  за  повторно  да  ги стави под свое ведомство. Неговата кореспонденција со мол- давскиот војвода Стефан Велики ја докажува блиската врска и соработка  меѓу  Охридската  црква  и  подунавските  епархии; наклонетоста на паствата во Влашко и Молдавија кон Охрид, и напорите кои се правеле за обезбедување богослужбена лите- ратура за црквите и манастирите во тие кнежевства. Во негово време "силно била распространета словенската образованост во Охридската диецеза", вклучувајќи ги и немакедонските епар- хии, а "дипломатското искуство постојано се усовршувало". Процесот на развојот на Охридската патријаршија во сферата на црковната дипломатија, значително напреднала во времето на патр. Прохор, кој во паствата "бил фален" како чувар и заштит- ник на автокефалноста и на македонскиот карактер на Охрид- ската црква, имал "вродена дипломатска способност" и дарба "да  беседи"  и  за  прашања  за  духовната  независност  и  суверенитет на Охридската црква, за што никогаш не правел компромиси.  Меѓуцрковните  спорови  и  конфликти  ги  решавал смирено, со дипломатски средства, и речиси секогаш излегувал како победник. Во односите со државата "настапувал мудро и внимателно", со висок степен на одговорност и "разбирање кон државните работи", со што ја придобил наклонетоста на Високата порта и на султанот. Неговата мудра политика и стратегија придонеле  Охридската  црква  да  се  зацврсти  на  челната  позиција во православниот свет на Балканот и во Европа, создавајќи македонски православни општини во Далмација, Венеција, Јужна Италија (Сицилија, Апулија и Калабрија) и на Малта, обединети  во  единствена  црковна  институција,  позната  како Италијанска  (македонска)  православна  епархија  која,  иако  се наоѓала во срцето на Римокатоличката црква, со извесни исклучоци непречено егзистирала повеќе од три ипол века. Во тој период  Охридската  диецеза  се  протегала  на  најголема  територија дотогаш.

Дипломатските способности најмногу му дошле до израз во конфликот со српскиот смедеревски митр.Павле, кој пројавувал сепаратистички  тенденции  кон  Охридската  црква.  Имено,  на неговата иницијатива српските епархии да се отцепат од Охридската патријаршија со намера да ја обнови укинатата Српска црква (Пеќската патријаршија), патр.Прохор ги употребил сите  евангелиско-канонски  и  дипломатски  средства  со  кои располагал  и  по  двегодишна  борба  успеал  ова  да  го  спречи, што можело да биде погубно за Охрид. Вакви  сепаратистички појави имало и во други немакедонски епархии, кои биле под силно влијание на Цариградската црква. Во легитимната борба против сепаратизмот во црквата добил морална и политичка поддршка од четворица источни патријарси, од Високата порта  и од султанот, со што биле елиминирани опасностите од рас- паѓање и дезинтеграција на Охридската црква. Во историските извори настанот е забележан како типичен сепаратистички акт и потфат во кој охридскиот поглавар покажал мудрост, духовна и политичка зрелост и способност, но и дипломатска умешност, придобивајќи ги на своја страна највлијателните државни и верски  субјекти  во  османлиското  општество  во  борбата  против појавите на српскиот црковен сепаратизам. Тешката економска положба во која се наоѓала Охридската патријаршија, поради високите црковни даноци, ги терала охридските поглавари и епархиските архијереји и владици да одат по светот по донации. Многу  стари  и  ретки  предмети  и  ракописи  со  исклучителна вредност биле заложени во османлиските банки и судови, бидејќи црквите и манастирите немале пари да ги платат високите државни даноци. Најмногу се патувало во Русија, каде и кај државните и кај црковните власти постоело расположение да й се помогне  на  Македонската  охридска  црква  да  се  извлече  од тешката економска положба, и да може да се вратат заложените црковни предмети, бидејќи со нивното оттуѓување можел да се изгуби идентитетот на најстарата христијанска црква. Од наративните извори се дознава дека почнувајќи од патр. Матеј, многумина поглавари на Охридската црква по него патувале во Русија со две намери: да издејствуваат финансиски средства од рускиот цар за враќање на заложените црковни предмети, и да ја поттикнат Русија, како православна земја и европска воена велесила, да се заземе за ослободување на народите на Балканот од османлискиот јарем. Во вакви и слични мисии најчесто оделе  лица  од  високото  свештенство,  кои  уживале  углед  во црковниот клер и паствата, познати како добри собеседници и дипломати,  со  високи  квалитети  и  вредности,  кои  физички  и духовно биле способни да извршуваат вака сложени задачи. Во тој  поглед  критериумот  на  Охридскиот  патријаршиски  синод бил многу остар.

По патр. Прохор, освен во Русија, охридските поглавари, меѓу кои и видни митрополити и епископи, патувале во Полска, Чешка и во западните европски католички држави (Германија, Австрија, Франција, Италија, Англија, Белгија, Шпанија).

И таму оделе со исти цели и намери: да се обезбедат донаторски средства за надминување на економските состојби во Црквата и да се  анимираат  западните  дворови  воено  да  се  ангажираат  за ослободување  на  поробените  балкански  народи. 

Од  1585  до 1650 година, во Русија и во западните европски држави патувале десет охридски поглавари, посети со чист политички карактер.

Некои поглавари често ги придружувале и видни митрополити и архијереји, кои имале политички и мисионерско- дипломатски афинитет. Тоа била нова генерација високообра- зовани патријарси, кои се прославиле со дипломатските потфати. Нивна цел било западниот католички свет да го поттикнат да почне војна за протерување на Османлиите од Балканот и од Европа.