МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР И БОГОМИЛСТВОТО

Фолклорот може да се гледа како голем хард-диск што меморира сé.
Ако народот органски се врзе за нешто, тогаш тоа засекогаш останува дел од него. Во фолклорот важат законите на уметноста.


Народот создавал фабули од чисто уметничка побуда, а не за да задоволи една, а да негира друга идеологија. Естетски се дразнел со интересното, фантастичното, надреалното, та не е ни чудо што користел сé што ќе му дошло при рака. Постојат приказни за Бог и за ѓаволот како другари, па и браќа, кои говорат за врските со дуалистичките учења.

Бог и ѓаволот се субјекти на фабулата и се во служба на истата.

Приказната за средбата на Адам со ѓаволот, кој му вели дека тој ја повела земјата и бара од Адам да му ја продаде душата, не мора да се толкува само богомилски, туку може и фаустовски. Врската на народот со природата и со "природното", сфатено како здравје и виталност, говори за тоа зошто богомилството не опстанало на овие простори. Значи, творец на светот и на човекот е сепак Бог, а не ѓаволот.

Дуализмот се чини природен за умот на човекот.

Немоќта да се објасни злото и страдањето го гонело човекот да претпостави и други принципи на злото од кои тоа произлегува. Тоа се пред се бинарните опозиции: добро-зло, душа-тело, дух-материја, разум-емоција, каде вториот член е подреден и со негативна конотација.

Отвореноста на Македонија како крстопат може да се толкува како привилегија, зашто човекот овде научил да биде толерантно суштество. Да не прифаќа сé толку лесно, но и да дозволи да постои другиот и другото.