Пештерна црква Св. Еразмо, крај Охрид

Во средниот век култот на Св. Еразмо - Антиохискиот епископ и проповедник добил широки размери во повеќе земји на запад, а особено во Италија, Франција, па дури до Шпанија.


Во земјите на Македонската културна сфера, според досегашните сознанија неговиот култ пуштил корења само во Охридскиот крај каде што се одржал во долг хронолошки распон, подолг од кој и да било светител во Македонскиот краишта.

Македнословените го прославувале уште од времето на Климента и неговата школа, прифаќајќи го неговиот култ втемелен многу порано, уште во предсловенскиот Охрид, Лихнидос. Со името на Св. Еразмо е сврзано верувањето дека тој бил првиот проповедник на христијанството во овој град каде што со илјадници ги покрстувал на “Белото Езеро”.

Охрид бил најзначајното извориште на неговиот култ во средниот и доцниот среден век. Во средновековниот Охрид на Св. Еразмо му е посветена една пештерна црква, близу до брегот на Езерото, би рекле во самата “утроба” на издигнатиот Габавски рид на кој се откриени културни напласти и од предхристијанскиот период, каде што е сé уште загадочната тврдина со киклопски ѕидини од времето на Македонските кралеви.

На околу двесте метри југоисточно од манастирскиот комплекс, откриена е старохристијанска базилика од III - IV век, исто така посветена на Св. Еразмо.

Живописот во пештерната црква е сочуван во три сликарски фази, а во најстарата од нив идентификуван е ликот на Св. Еразмо, кој потекнува од XIII век.

Најголемо внимание во оваа пештерна црква заслужуваат портретите на Св. Еразмо и ликот на византискиот император Андроник II Палеолог.

Осаменоста на оваа пештерна црква на овој дел од брегот на Охридското Езеро, имено - стеснетоста на користениот простор и некои други елементи, укажуваат дека се работи за поединечни испосници, или пак сосема мало калуѓерско братство коешто живеело во малите конаци покрај пештерата.