Пештерна црква Св. Архангел Михаил - с. Радожда

Во еден од најубавите предели на западниот брег од Охридското Езеро, над село Радожда, во природните пештери што се наоѓаат една над друга, високо во карпите, била изградена пештерна црква посветена на Војсководителот на Небесните Сили -Архангелот Михаил.


Во целост денешниот архитектонски изглед на црквата го добила во XIV век, кога исто така е насликана со нов живопис.

Дел од откриените фрески, во припратата потекнуваат од XII век, и истите покажуваат дека помладите зографи, кои дошле стотина години подоцна да ја насликаат црквата, не го уништиле долниот слој на фреско - живописот и во основа ја почитувале старата тематика.

Би набројале само неколку композиции кои навистина го заслужуваат вниманието на научната јавност.

Композицијата “Чудото во Хона” со насликаниот извонреден лик на Архангелот Михаил - сцена која се вбројува меѓу најстарите претстави во ѕидното сликарство на целокупната христијанска уметност.

Покрај насликаните композиции од циклусот на Големите Празници и страдањата Христови би го напоменале новооткриениот лик на патронот и заштитникот на градот Охрид - Свети Климент.

Сликарството во оваа пештерна црква е едно од последните дела на охридската сликарска школа од XIV век. Во основа се задржани содржајните и иконографски рамки на претставите, но сепак се чувствува оддалечување од постарите дела на охридскиот сликарски круг. Насликаните ликови ја губат племенитоста на сликарската материја, ги напуштаат класичните облици, а композициите добиваат особености на растегната народна расприкажаност. Таквиот илустративен однос, од друга страна, го симнува религиозното сиже на фреските од височината на апстрактната богословска ученост и го приближува кон обичните луѓе.

Треба да се напомене дека пештерната црква посветена на Архангел Михаил го продолжила континуитетот на своето живеење од дамнина, па се до скорешно време, а за тоа сведочи и обновениот иконостас со чесниот крст кој потекнува од 1840 година. Крстот е со скромни ликовни вредности, но истиот е значаен поради покомплексното согледување на проучувањето на мијачката уметничка школа од XIX век.