Архитектурата од 4 до 6 век на виделина

На наоѓалиштето излегуваат на виделина живеалишта од доцна антика, поплочани улици, плоштади и куќи за живеење со целиот распоред, кујни, складишта и внатрешни дворови.
На археолошката локација Стоби кај Градско, деновиве се откриваат фрагменти од архитектурата од 4 до 6 век. Според археологот Силвана Блажевска, на наоѓалиштето излегуваат на виделина живеалишта од доцна антика, поплочани улици, плоштади и куќи за живеење со целиот распоред, кујни, складишта и внатрешни дворови.
- Оваа архитектура ја наоѓаме на локацијата над театарот, а потекнува од периодот кога овој објект излегува од употреба. Се отвора и просторот над полукружниот плоштад наспроти Епископската базилика, па се до северниот бедем каде се открива исто така доцноантичка архитектура. Колегите го доистражуваат и римскиот форум. Таму се откриени исто така фрагменти од скулптури, но вградени во бедем. Имаме откриено и глава од скулптура, но дури за две недели ќе се знае од кој период потекнува и што претставува, вели Блажевска.
Во северозападниот дел на Стоби, пак се отркриени пет метри квадратни кули. Инаку, откритија според Блажевска има и на западната некропола. Пронајдени се и голем број керамички садови, монети од 4 до 6 век и раноримски. Се отвара и делот од патот кој од Стоби води кон Хераклеа, а се истражува и покрај градбата со засводени подземни простории, која е откриена минатата година.
Инаку Стоби во 7 и 6 век п.не.е бил мала пајонска населба. Почнал да се развива во време на Филип Петти, но највисок подем доживеал во Римско време.
(Д.Т.)
18.05.2009
|