Фолклорот од мијачкиот крај ги одушеви Австријците
Македонскиот фолклорен ансамбл "Мајовци" од Дебар, завчера приреди едно од највозбудливите и највпечатливи музички доживувања за виенската публика.

Македонскиот фолклорен ансамбл "Мајовци" од Дебар, завчера приреди едно од највозбудливите и највпечатливи музички доживувања за виенската публика. На Градскиот фестивал, кој во Виена се одржа од 24 до 26 април под мотото "Растежот на Европа во Виена", по 26 пат е претставено културното наследство на народите од Европа. Годинава Македонија за првпат учествуваше на фестивалот и тоа со еден од најоргиналните ансамбли во државата - "Мајовци".
-Ансамблот "Мајовци", кои го негуваат автентичниот македонскиот фолклор од мијачкиот крај во Западна Македонија, успешно ја пренесоа 300-годишната музичка традиција. Тие со својата исконска музика и карактеристичниот народен инструмент зурла во придружба на тапаните, го најавија и настапот на фолклорните танчери од КУД "Кочо Рацин". Судејќи според бурната реакција на публиката, приредија фуриозно финале за австриската и странската публика. Нивниот настап претставува огромен уметнички придонес во етнолошкото и културното претставување на Македонија во Австрија, потенцира Елена Мисиркова, нашиот амбасадор за култура во Виена.

На годинешниот Градски фестивал во Виена настапија 650 уметници од 31 земја, а освен фолклорни настапи се одржаа и бројни концерти на џез, поп и класична музика.

(Д.Т.)

29.04.2009