Охрид

"Охрид, вечниот град на митскиот Балкан, волшебниот рид на Македонија, со своето исконско пулсирање ги поврзува старите во новите времиња, за навек, бидејќи:


Тој е жив град две илјади и четиристотини години, легитимен наследник на Лихнид, град со вткаени дострели на силната античка цивилизација; градот Охрид е всушност културната историја на Република Македонија во мало. 

Како епископски центар во античките времиња, а подоцна и преку надалеку прочуената Охридска архиепископија низ вековите, градот ја претставува, исто така, целокупната црковна историја на Македонија и го носи епитетот "балкански Ерусалим". 

Во овој град бил лоциран, преку дејноста на св. Климент Охридски во крајот на IX и почетокот на X век и првиот Сесловенски универзитет во Европа.
Охрид, бил и најзначајната официјална престолнина на Првата македонско - словенска држава, поточно на Самуиловото Царство.
Охрид е преродбеничко жариште на Македонија во XIX век со силната максима на еден од најголемите европски интелектуалци од тоа време, охриѓанецот Григор Прличев, наречен Втор Хомер. 

Охрид е и денес културен, духовен и туристички центар на Македонија, и накрај, како круна на вредностите, Охрид и Охридското Езеро се светско културно и природно богатство под заштита на УНЕСКО од 1980 година!"

Паско Кузман
(археолог и истражувач на Охрид, 1994 г.)

http://www.ohrid.gov.mk