Откриени 4300 византиски монети на Цареви кули
Депото со монети е едно од најголемите во Македонија, а тие веројатно служеле како платежно средство за посадата на тврдината.

Византиски монети од времето на втората половина на 12 до почетокот на 13 век, се пронајдени на локалитетот Цареви Кули, над Струмица.
-Се работи за 4300 византиски монети од времето на втората половина на 12 до почетокот на 13 век, кои го илустрираат целиот процес на владеењето на Цареви Кули. Најверојатно се оставени за време на нестабилни времиња, и веројатно служеле како платежно средство за посадата на тврдината, вели раководителот на истражувањата, археологот Зоран Рујак, кој ова депо на монети го карактеризира како едно од најголемите во Македонија, од тој период.

Тој за ВЕЧЕР објаснува и дека монетите датираат од времето кога се осамостојува Добромир Хрс, самостојниот господар на Цареви Кули, односно Струмица.
-Досегашните откритија на локалитетот Цареви Кули не само што го покажуваат континуитетот на културата на Струмица и регионот кој трае веќе 7000 години, туку и ја потврдуваат важноста на овој простор за македонската историја на кој се случувале големи промени, вели Рујак, и додава дека ова е еден од најголемите и најинтересните наоди во последно време во овој дел на Македонија.

Истражувањата кои оваа година започнаа пред месец и половина, ги финансира Владата на Македонија, со околу 3 милиони денари.


Наоди и од периодот на Филип Втори
Само пред десетина дена, на истиот локалитет, беа добиени наоди од периодот на Филип Втори, односно од македонско-хеленистичкиот период. Пронајдени беа монети со ликот на Филип Втори, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, керамика, фигури од малоазиски тип... Сите овие артефакти укажуваат на фактот дека струмичката тврдина била населена кон крајот на четврти век пред нашата ера.

(З. Ѓ.)

28.04.2009