Алкалоид и НИПРО - стратешки партнери
Најголемата македонска компанија во фармацевтскиот сектор Алкалоид го шири бизнисот во регионов и во услови на светска криза.
 Растворите за хемодијализа на Фармацевтската компанија Алкалоид наскоро ќе користат за лекување на болните во неколку центри за дијализа во регионов. Стратешкиот договор за партнерство меѓу Алкалоид и јапонската групација НИПРО од Оскака којашто е партнер во овие болници, вчера, официјално беше потпишан од страна на Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на Алкалоид и Свен Аксел Тренторз, извршниот директор на НИПРО за Европа. Документот треба да овозможи искуството, традицијата и знаењето на врвните фармацевти на Алкалоид да бидат искористени во освојување на нови пазарни позиции.

- Производството на раствори за хемодијализа стартуваше во 1990 година со околу 10 тони дневно, а од овој месец тоа ќе биде засилено на околу 15 тони дневно, вели Мукаетов. Според него првите испораки ќе бидат наменети за Центарот за дијализа во Албанија, а понатаму тие ќе се транспортират и во другите центри со коишто оваа јапонска компанија соработува.

Производствената палета се состои од 15 типови на раствори со коишто изминативе 20 години компанијата ги снабдуваше сите центри за хемодијализа во земјава. Мукаетов информираше дека тие се и застапници на опремата на НИПРО за македонскиот пазар, а со новиот договор со кои НИПРО ќе ги користи растворите се проширува нивната заедничка соработка. За Мукаетов тоа ќе биде нова додадена вредност за Алкалоид, во равојот на компанијата и нејзиниот извоз, особено во услови на светска криза и рецесија.

Мукаетов информираше дека на почетокот на годинава погонот во којшто се произведуваат растворите е реновиран, а контролата за квалитетот е извршена од страна на германска компанија, којашто наскоро треба да им го одобри и сертификатот за квалитет.
НИПРО е светски лидер и еден од трите најголеми компании во светот во производството на опрема и потрошен медицински материјал за хемодијализа и партнер во повеќе од пет центри за дијализа на Балканот меѓу кои и во Бугарија и Романија. Од НИПРО велат дека Алкалоид е силен партнер на кој можат да се потпрат во балканскиот реон. Од компанијата не кријат дека се заинтересирани за проектот на Министерството за здравство за јавно приватно партнерство во Секторот хемодијализа. Претставникот на НИПРО нагласи дека соработката со Алкалоид ќе се шири и понатаму.

(В.Ма.)

25.04.2009