Велигденско послание на Архиепископот Стефан
Поглаварот на МПЦ порачува дека празникот Воскресение Христово - Велигден сите не образува и воспитува во доброто.
Македонецот насекаде, и во својата татковина и раселен по светот, знае со почит да го препознае овој неповторлив и свет ден, нарекувајќи го Голем ден - Велигден, со што ја искажува суштината и величественоста на празникот над празниците и на овој спасоносен настан, порачува македонскиот архиепископ, г.г. Стефан

Денот на Воскресението Христово е вистинска можност да се сплотиме како народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, покажувајќи дека сме чеда на воскреснатиот Господ и достојни следбеници на многубројните богољупци од нашиот род. Ова е дел од велигденското послание на поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во миговите пред овој најголем христијански празник, архиепископот Стефан, повикува на почитување на историјата и традицијата.
- Ние, Македонците, имаме многустолетна историја и долга христијанска традиција. Македонија е местото од каде во Европа започна да се шири светото Евангелие и христијанската цивилизација која донесе и гради вечни и непропадливи вредности. Затоа секогаш да се потсетуваме на светлите и славни времиња од нашата историја, зашто ако не се потпреме врз минатото, не ќе имаме сегашност и не ќе си обезбедиме иднина. Оти, и минатото, и сегашноста и иднината се неделиво траење во Господа!, вели во Посланието, г.г Стефан.

Велигден е празник основа на христијанската религија, бидејќи, како што стои запишано во евангелијата, ако Христос не воскреснеше, тогаш залудна ќе беше нашата проповед и вашата вера, но Христос воскресна и со смрт смртта ја победи.

Поглаварот на МПЦ, порачува дека празникот Воскресение Христово - Велигден сите не образува и воспитува во доброто. Македонецот насекаде, и во својата татковина и раселен по светот, знае со почит да го препознае овој неповторлив и свет ден, нарекувајќи го Голем ден - Велигден, со што ја искажува суштината и величественоста на празникот над празниците и на овој спасоносен настан, порачува македонскиот архиепископ, г.г. Стефан.

Овој Велигден МПЦ го слави во годината кога се одбележуваат 1630 години од упокојувањето на свети Василиј Велики, како и 1140 години од упокојувањето на Свети Кирил Солунски и 150 години од ракополагањето на Партениј Зографски за Кукушко-полјански епископ.


М.Н.