Фактор кој го носи исламот во Македонија
По поразот на македонските владетели во битката на Марица во 1371 год., настанува криза и за целото христијанско население на Балканот.
Турците Османлии со воените освојувања на Балканот го носат и Исламот
|
Воената моќ на Турците неповратно се зацврстува во Македонија и на Балканот, иако во прво време до смртта на кралот Марко во 1395 год. заради вазалниот однос таа директно не се чувствува.
По ова, постепено и етапно, во смени на воените походи и со колонизација на Турците-муслимани (а преку нив и пенетрација на исламот) на освоените подрачја Турците навлегуваат не само на Балканот, но дури и кон Средна Европа. Со ова, историјата на балканските христијански земји добива се поголемо европско значење, а борбата на христијанските народи еден од важните моменти во одбраната на целата европска цивилизација.
Всушност, уште 7-8 децении пред падот на Цариград, главниот товар на овој отпор паѓа на плеќите од македонското и другото т.н.р “словенско” население под тогашната власт на српските деспоти ширум Балканот.
Затоа и со право се смета дека преминот на Турците во Европа е кобен за сите балкански народи а не само за македонскиот. На Турците не им оди на рака толку некаквата посебна нивна воена силина отколку разединетоста на феудалните владетели-деспоти и кнезови кои секој почнува да си се прогласува за крал.
И, ако со битката на Марица во 1371 год., Турците го скршија отпорот на македонскиот и другите народи од југоисточниот дел на Балканот, тогаш со Косовската битка во 1389 год. против српските владетели, ќе го скршат отпорот на народите од северо-западниот дел на Балканскиот Полуостров. По ова за подолго (повеќе од 5 века) ќе ја утврдат својата власт и присуство во средиштето на овие земји и народи. Тоа секако ќе остави видни траги кај сите нив. Една од главните е влијанието за цело време и во сите сфери на општественото и културно живеење на овие народи владеачката вероисповед – исламот. Исламот ќе го промени етничкиот супстрат и на народите кои егзистираат на овие подрачја но и на народите кои како владеачки покрај турскиот ќе се населуваат тука. И денес милиони Турци во Турција се всушност потомци од нивни балкански предци кои во даден период се исламизирале или “потурчиле” иако крвно и немаат врска со Турците Османлии и нивните предци.
Со ова, токму Турците Османлии се главниот фактор кој го носи исламот на Балканот и Македонија но и кој истиот ги шири, оддржува и храни до невидени дотогашни граници.
|