Асканиј и наследниците, на чело на Латините
Тит Ливиј обемната “Ab Urbe condita”,по судбините на Ајнеј и Атенор го продолжува со Асканиј синот на Ајнеј.
 За него пак не се знае доволно дали му е син со Лавинија или со Креуса но како и да е уште не е зрел да владее по смртта на Ајнеј. Дури не порасне, власта му е сочувана под заштита на праведливата мајка (или маќеа?) Лавинија. Авторот на делото Тит Ливиј кога расправа за вистинското потекло на Асканиј ќе рече :

“Не знам - а и кој би можел сигурно да потврди толку стара работа - дали овој бил тој Асканиј или постар од него роден од мајката Креуса дури Троја не била завземена, па потоа станал учесник во татковото бегство, истиот, кого Јулиевиот род го вика Јул и го смета за дарител на нивното име. Тој Асканиј било каде и било од која мајка да бил роден сигурно знае дека татко му е Ајнеј.“

Со време населението на Лавиниј се зголемило та Асканиј и го остава раскошниот и богат град на Лавинија и основа нов под Албанската планина. Поради положбата градот е наречен “Алба Лонга” зашто се простирал на грбот на планината. Од основањето на Лавиниј до Алба Лонга поминале триесетина години. Моќта на Латините многукратно е зголемена со разбивањето на Етрурците та ниту за време на старателството над малолетниот Аскантиј ниту по младешкото му владеење, никој не ги вознемирува. Етрурците склучуваат мир со Латините, така што реката Албула (р. Тибар) е новата граница помеѓу нив.

По давењето на кралот Тиберин е наречената денешната река Тибар
По Асканиј владетел на Латините е Силвиј кој по некој случај се раѓа во шума. И неговото владеење е просперитетно а такво е и на неговиот син Ајнеј Силвиј. Ајнеј Силвиј, пак го раѓа Латин Силвиј кој ќе основа неколку колонии наречени Стари (Приски) Латини (“Prisci Latini” - е израз настанат за време римско-латинската војна, има етничко значење, а називот Латини има правно значење, бидејќи во случајов означува одредена категорија луѓе.) По ова на сите кои владеат со Алба им останува прекарот “Силвии”. Се редат и другите: по Латин е Алба, по Алба - Атис, од Атис е Капис, од Капис е Капет а од Kапет е Тиберин, кој се удавил додека ја преминувал реката Албула по што од тогаш оваа река се преименува во Тибар.