Трпчески ја крена на нозе британската публика
Викендов тој настапи како солист на Лондонската филхармонија на концертите во Ројал Фестивал Хол во Лондон и во Дом во Брајтон. Изведбата на бис, беше резервирана за делото од македонскиот композитор Панде Шахов, "На Струга дуќан да имам"

Македонскиот пијано виртуоз Симон Трпчески уште еднаш ја крена на нозе британската публика која неговото музицирање го награди со долготрајните аплаузи и овации. Трпчески викендов настапи како солист на Лондонската филхармонија на концертите во Ројал Фестивал Хол во Лондон и во Дом во Брајтон, изведувајќи го популарниот Концерт број 1 за пијано и оркестар од Петар Илич Чајковски. Публиката, која до последното место ги исполни салите, со својата одушевена реакција се избори за изведба на бис, резервирана за делото од македонскиот композитор Панде Шахов, "На Струга дуќан да имам".

И диригентот на концертите, Французинот Луј Лангре го искажа своето одушевување што првпат на сцена се среќава со Трпчески.
- Извонреден е. Знаев и имав слушано многу за Трпчески од луѓето кои работат со него во ЕМИ Класикс и во Линколн Центарот во Нјујорк, каде што јас сум уметнички директор на оркестарот "Претежно Моцарт". Симон има некој електрицитет, звучи толку чисто... изјавил диригентот Лангре за Македонско радио.

Симон Трпчески, пак, потенцираше дека по втор пат настапува со Лондонската филхармонија, каде одлично бил прифатен од публиката.
- Со задоволство го поврзав фактот што Чајковски користи фолклор и песни во Концертот и јас направив убава паралела па својата лондонска премиера ја доживеа и "На Струга дуќан да имам" од Панде Шаховв, додаде Трпчески.

Успешната турнеја на Трпчески веќе во вторник продолжува со рецитал во Кембриџ, а завршува на 14-ти овој месец со концертот во Даблин, каде македонскиот пијано виртуоз ќе настапи како солист на Националниот оркестар на Радио-телевизија Ирска.

(Д.Т.)