На Скопското кале 5,5 милениуми континуиран живот
Според археологот Кире Ристов од Музејот на Град Скопје ќе се истражуваат сите досега откриени слоеви на населбата на Кале, во периодот од 3.500 година пред нашата ера па се до денес

Скопското Кале деновиве повторно ќе биде во центарот на вниманието на голем број археолози, конзерватори и историчари, кои ќе работат на просторот помеѓу источниот, јужниот и западниот бедем на тврдината. Според археологот Кире Ристов од Музејот на Град Скопје, ќе се истражуваат сите досега откриени слоеви на населбата на Кале, во периодот од 3.500 година пред нашата ера до денес.
- Ја имаме комплетната стратографија и можеме да почнеме со истражувањата на речиси целиот простор на скопската тврдина. Значи, ќе се работи од влезната порта до ресторанот и од киклопскиот ѕид на источната страна до западниот бедем. Активностите ќе бидат и во функција на конзервација на бедемските ѕидови, со цел тие да се сочуваат во нивната природна големина, објаснува Ристов.

При минатогодишните истражувања на Кале пронајдени се и остатоци од средновековната црква од 13 и 14 век. Таа ќе влезе во пакет за реставрација и конзервација со сите градби што ќе бидат откриени на Калето.
- Првата запоседнатост на Калето била од неолитот, 3.500 години п.н.е., а со мали периоди таму имало живот во бронзеното, железното време, раната антика, римскиот, како и османлискиот период кога таму била изградена касарна и затвор. Ова значи дека на Калето како ретко на кој археолошки локалитет имало континуитет на живеење повеќе милениуми, додава Ристов.

Археолошките откритија покажуваат дека скопската тврдина имала најубави одбранбени ѕидови во 10 век за време на царот Самуил. Пронајдената колекција на пломби, пак, укажува дека таму била сместена администрација, дека Скопје бил еден од најразвиените градови на Балканот и дека Калето било значаен градски, административен и културен центар на овој дел од Балканот.
Истражувањата и годинава ќе бидат финансирани од Министерството за култура, а за оваа намена, според Ристов, би требало да бидат издвоени околу 5 милиони евра.

Инаку, раководител на годинешниве истражувања е професорот д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет, а кординатор ќе биде Управата за заштита на културно наследство. Истражувањата ќе се вршат преку Музејот на Град Скопје.

Даниела ТРАЈКОВСКА