Трпчески со оркестарот на Бољшој театар во Скопје
Пијанистот утре ќе настапи во Конзерваториумот "Верди" во Милано, по што следат и рецитали во Прага, Париз, Лудвигсхафен, Минхен, Кембриџ и Дизелдорф.

Нашиот пијанист Симон Трпчески, по бројните концерти што во текот на последнава сезона ги одржа како солист на престижни светски оркестри, сега продолжува со серија рецитали во повеќе европски центри.
- Прва соло-дестинација на нашиот уметник е Милано каде што ќе настапи во Конзерваториумот "Верди" на 20 февруари, по што следат и рецитали во Прага, Париз, Лудвигсхафен, Минхен, Кембриџ и Дизелдорф. Во рамките на програмата ќе бидат изведени дела од Шопен, Дебиси и Прокофјев, велат од КултурОп.

И во овој период Трпчески ги прифати поканите да гостува како солист на реномирани оркестри, меѓу кои и Лондонската филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Ирската национална РТВ од Даблин, Симфонискиот оркестар од Питсбург, Филхармонискиот оркестар на Сеул..., за настапи во Велика Британија, Република Ирска, САД и Јужна Кореја.
- На оваа агенда секако се надоврзуваат и тие со Оркестарот на Бољшој тетарот од Москва, кои, очекуваме да се заокружат со големиот концерт во "Метрополис арената" во Скопје на 18 мај, објаснуваат од КултурОп.

Инаку, оваа сезона маестро Трпчески настапи како солист со Оркестарот на Бирмингем, Шкотскиот камерен оркестар, Чикашкиот симфониски оркестар, Филхармонија, Оркестарот од Лондон, Филхармонискиот оркестар на Санкт Петербург, Рускиот национален оркестар (под водство на еден од водечките диригенти на денешницата Владимир Јуровски), Симфонискиот оркестар на Борнмут и други.

(Де.Т.)
ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ / КУЛТУРОП