Монистра го освоија Израел
Веќе за април е договорен и нивен настап на фестивалот во Александрија, Египет

Македонската етно група Монистра ја одушеви израелската публика, а со голем успех го претстави и македонскиот етно мелос во Израел на концертите одржани во градовите Хаифа, Тел Авив и Ерусалим во периодот од 12 до 14 февруари.

Учеството на израелскиот фестивал, како што изјавија вчера осумте членови на Монистра, се одржа под целосна финансиска поддршка на Министерството за култура и по иницијатива на амбасадата на Република Македонија во Тел Авив.
-Настапот на Монистра беше во функција на презентација на македонска култура и според нас и еден од најдобрите начини да се запознае Република Македонија и да се покажат неоспорните културни вредности и богатства на нашата држава во една земја, изјави вчера и Анита Јованоска, портпарол на Министерството за култура.

На концертите, велат членовите, изведена е исклучиво изворна музика и тоа 7 композиции, во кои доаѓа до израз нашиот вокал, како и 11 композиции од албумот на Монистра.
Според Бранко Јовевски, менаџер на Монистра, мелодијата "Филизо моме" ги освои сите симпатии на организаторите, а видео записот за Монистра, одеше и на главните вести на националната телевизија на Израел, веднаш по резултатите за изборите кои се случуваа во оваа земја.
-Значењето е огромно и за нас и за државата бидејќи сигналот кој го емитува израелската телевизија на која бевме претставени е достапен и во многу други зеји во светот и во Америка. За тоа време десетина пати се спомна името Македонија, десетина пати македонска музика, што е одлична реклама за државата во светот, а беа презентирани и дел од културните настани во Македонија, вели Јован Стрезовски.

(Д.Т.)
Фото:Н.Батев