Во Стоби ќе се живее и ќе се истражува
Кон крајот на месецот ќе започне тригодишниот проект за целосно истражување, конзервација и презентација на локалитетот пред домашната и странската јавност. Неодамна заврши и неговата регистрација во национална установа.

-Градот Стоби, кој својот најголем подем го доживеа во римско време, има огромен потенцијал, одлично сочувани градби, многу движен материјал и богата приказна за неговата историја, што овозможува реализација на крајната цел-негово самофинансирање. За потребите на овој археолошки локалитет се очекува да бидат вработени 28 археолози, конзерватори, чувари и водичи, од кои дел ќе бидат преземени од Националниот конзерваторски центар, вели Силвана Блажевска, архелог под чија надлежност годинава ќе се работи во Стоби.

Таа потенцира дека годинешниве истражувања ќе го опфатат просторот покрај портата Хераклеа, главниот влез во градот, кој исто така ќе се реконструира. Ќе се работи и спроти епископската базилика каде е откриен полукружен плоштад, па се до бедемот, каде се очекува откривање на доцна античка архитектура од 4 до 6 век. Ќе се доистражува и просторот покрај западниот бедем кон театарот чија реконструкција е исто така во план. Ископувања ќе има и наспроти театарот каде минатата година е откриена градба со засводени подземни простории, кои најверојатно имале култна намена, а која има многу сличности со храмот во Марвинци... На локалитетот се откриени и многу предмети, поради што според Блажевска на Стоби му е неопходен музеј.
- Сите артефакти во моментот лежат во депото во старата зграда на железничката станица, во несоодветни услови. Сметав дека од другата страна на реката Црна би можело да се изгради објект, реконструкција на Теодосијанската палата, чии темели се гледаат на локалитетот. Ова е една од најубавите доцноримски куќи во Стоби, во која се смета дека престојувал и Теодосиј Први во 388 година. Тоа е куќа со внатрешен двор и повеќе простории во кои би можеле да се изложат пронајдените предмети.

Во Стоби ќе се живее
Успехот на истражувањата на локалитетот би требало да го гарантира и самата намера на вработените таму да живеат. Идејата за формирање населба во непосредна близина на локалитетот, според Блажевска е всушност работа која била поврзана и со другите археолошки локалитети, како што е пример со Вергина во Грција, град кој бил формиран 70-те години и кој и денеска функционира.

За локалитетот
Во 7 и 6 век пр.н.е. Стоби бил мала пајонска населба. Градот почнал да се формира на највисокото ритче во време на Филип 5, но вистинскиот подем се случил во римско време. Според општествениот статус тоа бил единствениот муниципиум во Македонија, а во ранохристијанскиот период епископско седиште, што го потврдуваат пишаните извори и голем број откриени цркви од тоа време.

Даниела ТРАЈКОВСКА