Селото Катуниште
Селото Катуниште се наоѓало лево од реката Велика во близина на Ваташа, под “Катунишкиот Камен” и “Дабнишката Порта”, токму под висорамнината “Витачево”. Денес не можат да се пронајдат никакви знаци на селото.
 Најверојатно, куќите им биле еден вид колиби, израбитени од слаб материјал. Постојат само месностите “Долно Катуниште” на една присојна странка и “Горно Катуниште” на една осојна странка, испресечени со неколку дола. Во секој дол има извор (“Мркото Кладенче“, “Кладенчето“, а преку сртот е “Студената Чешма“, јак извор каде има неколку дабови корита и тука стоката се води на поило). На север се наоѓа “Белата Полјана”.


Селото Катуниште се наоѓало под висорамнината Витачево

Катуниште постоело во средниот век како селска сточарска населба. Сточарските колиби повеќето биле влашки а останатите македонски (изгледа и поделеноста на два дела од Горно и Долно Катуниште е според ова). Името пак, ова село го влечи од зборот “катун” што означува сточарска населба на високи планински пасишта. Власите во оваа населба живееле само зиме кога се повлекувале од планините. Но и во ова некогашно село наоколу се користеле богатите пасишта за напасување на стоката, особено од останатите жители. Додека реките и изворите ги користеле за напојување на многубројните грла овци и јадар добиток. Тогаш пределите биле со трева, со шума и вода (со текот на времето шумата била раскопачена).

Кога продирале Турците низ Тиквешијата, биле разурнати и опустошени повеќе градски и селски населби. Тогаш опустеле градовите Просек и Белград. За да се спасат од зулумите, населението од Тиквешијата се повлекувало длабоко во полите на Кожуф планина. Исто така, жителите од селото Катуниште се повлекле кон Мариево. Нивната населба останала запустена. Никогаш во иднина повторно не ќе ја заселат, особено Власите кои заради стоката која била прва на удар од пљачкосувањата, подигнале свои колиби на Кожуф каде продолжиле да ја напасуваат стоката. Една планинаска висорамнина над селото Бохула се вика “Гладница”, па се предпоставува дека е заради тоа што во средниот век овие останати Власи правеле “глади” ( влашки колиби). Тука наводно им биле бачилата со страгите каде изработувале кашкавал. Жито се снабдувале од тиквешките села каде што вршеле со коњите.

(Користени извори: - “Судбини и населби - легенди“, Неготино, 1981 год., Киро Андонов).