Кои се Асен Богданов и Иван Маринов?
По повод судењето на Асен Богданов, бугарски полициски началник во Скопје во периодот на бугарската окупација, „Нова Македонија“ (21 Ноември 1944 г.) најавувајќи го судењето изнесува: дека процесот против воениот злосторник А. Богданов почнува со задоцнување, бидејќи бугарските власти несакале да му го предадат на народниот суд.
 Бугарските власти долго време го одлагаа предавањето на Богданов, бидејќи тој, заедно со генералот Маринов, командант на XV-та бугарска окупаторска дивизија (штаб во Битола) наводно одиграл значајна улога во 9-то септемврискиот преврат во Софија, во Отечествено-фронтовска Бугарија.

Генерал Иван Маринов, командант на XV-та бугарска окупаторска дивизија во Битола
Маринов за “заслугите” стана главен командант на бугарската ОФ армија, а Богданов директор на софиската полиција. На оптуженичката клупа, заедно со Богданов, седеа уште неколку негови соработници. Во обвинението на јавниот тужител меѓу останатото се изнесува и следното:

„Како помошник на обласниот директор и обласниот полициски началник во Скопје од Јануари 1943. до крајот на Август 1944. г., Асен Богданов, потполковник на фашистичката полиција, е еден од највисоките функционери на бугарските фашистички власти во Македонија... кој е одговорен за многубројни ѕверства од страната на окупаторот во Македонија... Како обласен полициски началник во Скопје, Богданов организираше цела мрежа на соработници во цела Македонија и создаде специјални полициски органи и контрачети, се поврза со озлогласениот Гестапо, ги координираше и раководеше бугарската полиција и бугарската фашистичка војска на генералот Бојдев, Маринов, Поп-Димитров, како и специјалните одреди на Гестапо и поручникот Бирман...“

(Јован Павловски „Судењето како последен пораз“, Тетово, 1977. стр. 71).