Жезов присој
Жезо, како и другите турски падари во Бошавијата, бил многу клет Турчин, мачител и зулумќар на народот. Од него се пропискало: машко и женско, мало и големо.
Најмногу испатисувале боулските каури. Ако те сретнел на патот, сполај не ти велел, ќе те најдело дрвен господ. Три дни далеку од него бегале. Многу бели направил. На некој му ги распарал воловите во арот; на друг му го запалил трлото и му ги земал овците, на трет, ако имал мома немажена, ќе се соортачел со неколцина балтаџии, ќе ја грабнел и ќе ја продадел во чинимичини за некое старо и грбаво.
Ставјалото му било на една чука. Оттаму се надгледувал во полето. Таму му носеле ручеци, тучени баници, мазници и пресници...Бил претерано изјаслив на печени јарци. Од овчарите барал:
“Утревечер јарец на ражен да ми извртете!“

Се немало каде. Цела вечер на бачилото кондисувал, диван му стоеле. Овчарите му го припремиле јарецот, врти-печи, врти-печи, чинеле, а тој крај огинот седел и се му се служело израка.

Имал една нива меѓу македонцките. Кога ќе дојдело гумно време, ќе им порачал:
“Овие неделини ќе жнеат моите деца, да не одите таму!“
Никој не се осмелувал да појде на нивата, оти ако те пречекал ќе те стемнело и нема повеќе да те осамнело. Така, така житото ќе им окапело, од него не можеле да го сожнеат. Наместо да им го чува бериќетот, тој им го крадел. Секоја есен, ќе си ги земал маските и од некоја пченка ќе си ги товарел.

На еден домаќин по ред две години му ја обирал пченката. Децата од глад му умирале. За леб претрпувал. Е, дошла трета година. На домаќинот му скипела душата, го зајало јасникот. Се решил да го поштомни падарот, ако дојде пак да му ја собира. Друго и не мислел. Се така си думал, му ја кроел ќилавката. Штом се свечерило, земи го касакот, појди кај нивата во ормањето, скриј се и чекај го натрапникот. Кога ќе се развиделило, пак ќе се врател дома. Секирата азар му била во раката. И една вечер, усреќи, еве ти го Жезо со добиците се суздал, небаре некое лиотиште руснало низ пченкарникот. Крши ги клавчињата, чинел, пикај ги во вреќите, носи ги надвор од нивата и истурај ги на еден куп. Набрал, бајаги, големо купиште. Од него можел трипати да поврати. Некое време запалил оган испекол неколку клавчиња. Стопанот на пченката не се осмелувал да појде кај него и да го потомдиса одма. Какви не умишта му удриле во главата:

“А бре, Жезо, жегли да би те жегнале во мевот, пуст и маретен да останеш, поштуката да не ти се знае, куќата ми ја запусти!“
Си колнел повеќе за себе си. Ќе се подигнел да оди и пак ќе се врател. Ако едно речел, три толку одречувал. Така, така, саноќ се испатисувал. Е, насетнина, оѓинот загаснал, добиците не рупкале од тревата; од кај полноќум се се стишило. Жезо задремал кај оѓинот. Домаќинот се присетил и во умот си рекол:
“Сега му е мајчето, на спиење да го поштомнам, ќе го изеде помрачина. Сега, мечкостапец ниеден ќе ти дојдам до ак, во рака те имам кладено!”

Полека, полека му се издемнил. Со тилјето на секирата го тупосал по глава. Ни офнал ни викнал, ни од сон се разбудил. Му ја разнебитил главата. Абре-убре, ќормалечки го товарил на маската, преку самарот, го заврзал и го однел еден саат далеку од неговата нива. Уште ноќта го фрлил во еден присој. Го земал магарето да ја заора нивата колку едно гумно. Со грутки му ја затрупал крвнината. Никој не го видел. Сам човек што ќе направел ни сто толку не можеле да направат. Како ништо да не било. На никој не кажал.

Во селото стигнале црни абери: “Бре, падарот Жезо го нема! Алал му вера кој му ја локнал крвта! Спрема глава му беше, сам си ја најдел бељата.“
Денес го нема, утре го нема. Море, роднините се разбарале насекаде. Ги завртеле сите слатини и долини, чуки и угри, долишта и брегишта, орманишта и стрништа, дрмки и драки де ваму-де таму, го пронашле во еден присој така плеснат ничкум во дрезгите. Си го погребале како што бил обичајот. Жена му и мајка му останале бели во очите. Селим-чауш многу селани претепал, ама ништо не дознал. По името Жезово и месноста ја нарекле “Жезов присој”.

(Користени извори: “Судбини и населби - легенди“, Неготино, 1981 год., Киро Андонов)