Дедо Јаковата чешма
Настанот се случил некаде околу 1875-80 год. Во ова време живеел дедото Јако во селото Калањево - Неготинско. Си имал четири сина: челад во тајфата, радост во куќата.
Се прегледувал од неколкуте нивички во ормаништето, што ги ископачил со синовите. Завртил и овчички. Го тркалал животот: крпен-трпен.

Се арно било. Ама свргави вакати достасале. Арамиски дружини од Аранути, Турци и други мухамеданци, врлувале по планината Серта., низ дробаците, честаците, пешетрите и скапците. Син му Фило, убаво и стројно момче, постојано си го пасел стадото кај “Габер-Кејна” и “Вешеглав”. Таму му било ставјалото. На ден-пладне, како и секогаш, го закрдил стадото под сенките. Се одмарил. Откако ручал, ја земал црпалката да се напие вода од изворот, токму тогаш арамии го завиле. Едно дошле, фрлиле со пушките. Ниту вода не се напил, смртно го погодиле и се струполил крај изворот. Целото стадо му го расипале, го забрале по ормаништата. Завчас се поштомнале, во неврат фатиле, небаре во земја пропаднале.


Средновековен приказ на арнаутски дружини

Еден селанец од спроти рид жнеел. Слушнал пукање. Видел како каделка чад се дигнала од куршумите некаде кај “Габер-Кајна”. Не го траела кожа. Се искачил на ридот. Ги видел арамиите како забрзано преку ридот го префрлаат стадото. Фило го немало со нив. Се присетил дека не ќе било на арно, оти овчарот го убиле. Дотрчал во селото абер да стори. Се им кажал што видел, како било и што било. Веднаш неколкумина вредни мажи, земале два вола и една двоколка. Тргнале на местото каде што секогаш му било свртиштето на Фило. Го пронашле убиен крај изворот. Нешто понастрана од него и песот утепан. Искршиле шума од дабјата, го покриле трупот го качиле на колата и милоома тргнале за накај селото.

Како што доближувале до дома, така посилно се слушале тажачки. Мајка му редела: “Фило чедо-фиданка откината, /кој ќе ни тера милно стадо/, кој ќе ни паси руди јагниња“. Море сите во селото го исплакале, го истажиле како што бил редот и обичајот. Дедото Јако живеел уште многу лета. Ама срцето се гламјосало од жал за син му. Повеќе не видел бело видело. Крај селскиот пат во селото извадил чешма за аир, за сенка, за задушница на син му Фило. И денес, се уште, постои и се вика Дедо-Јаковата чешма.

(Користени извори: - “Судбини и населби - легенди“, Неготино, 1981 год., Киро Андонов)