Пандев е светска ѕвезда
Ние сме подготвени да ја продолжиме соработката за уште некоја сезона, а сите гледаат што прави мојот клиен кога е на зелениот терен

Македонскиот репрезентативен напаѓач на Лацио, Горан Пандев најверојатно ќе потпише нов договор со калчо-лигашот од Рим. Во очекување тоа да стане и реалност неговиот агент Карло Палавичини ги потсети клупските челници дека мораат под итно да ја обезбедат верноста на Македонецот и најголема ѕвезда во дресот на "орлите".

Палавичино, за познатото италијанско радио, "Кис Кис", изјави дека претседателот, Клаудио Лотито мора да сфати дека на располагање има интернационална ѕвезда.
- Ние сме подготвени да седнеме на преговарачката маса и да ја продолжиме соработката за уште некоја сезона. Зборуваме за една интернационална ѕвезда. Сите гледаат што прави мојот клиент кога е на зелениот терен.

Според медиумите на Апенините, Пандев е среќен во Лацио и се верува дека само е време кога ќе го стави потписот на новиот договор. Сепак, германскиот гигант Баерн (Минхен) не се откажал од Македонецот и се очекува да излезе со официјална понуда за него.

Како што наведува весникот "Билд", Баерн (Минхен) ќе го направи последниот обид да го донесе Пандев на Алијанц Арена. Баварскиот клуб бара заменик за Лукас Подолски, кој на лето ќе се врати во составот на Келн.
- Можам со 100% сигурност да потврдам дека не преговарам со ниту еден клуб кој е заинтересиран за услугите на Пандев. Исто така ќе повторам дека Горан е многу среќен во Рим, изјави агентот на репрезентативецот на Македонија.

Сегашниот договоро на Горан Пандев со Лацио му завршува во 2010 година. Но се очекува тој да го продолжи до 2014 година, а сегашната заработувачка од 450.000 евра годишно да изнесува повеќе од еден милион.