Пајонска свештеничка пред Музејот на Македонија
Повеќе меѓународни проекти и визуелизација на историските настани, преку пронајдените археолошки предмети, е само дел од програмата на Музејот на Македонија за годинава.

Според директорката Мери Аницин -Пејоска, покрај големиот проект на реконструкција на неолитското село "Тумба Маџари", кое беше претставено пред јавноста, во тек е и изработка на скулптурата на пајонската свештеничка, според гробот и накитот најдени на локалитетот Лисичин Дол, Марвинци. Скулптурата, висока 3,5 метри, ќе биде излиена во бронза и поставена на платото пред Музејот на Македонија.
- Целта ни е да демистифицираме дел од збирките поставени во витрините, како и нивно заокружување во една приказна, односно визуелизација на сите настани и значајни личности од нашата културно и историско минато. Почнавме со пајонската свештеничка бидејќи тоа е најавтентичен период во науката познат како пајонски или македонски бронзен период, нешто со што можеме да излеземе пред меѓународната јавност и притоа никој да не може да ни го узурпира, вели Аницин- Пејоска.

Од меѓународните проекти се потенцира оној со Шведската фондација за културно наследство, со која веќе трета година се изведуваат работилници.
- Се подготвува и голема изложба на Македонските икони за 2010, со италијанската влада тече проектот "Културна патека", а еден европски проект е и "Карневал - крал на Европа", каде се презентира дел од нашето наследство од етнолошките теми. Потпишавме и договор со Полска, Шпанија и Франција за истражување на Антигонеја, древниот град во Неготино,...додава Аницин -Пејоска.

(Д.Т.)