Шарениот свет на маски го исполни Вевчани
Уште еднаш низ Горно и Долно Маало во Република Вевчани, продефилираа сите наши маки и радости, сите наши маани и доблести... Видовме и како Македонија ја води Грција како мечка низ село.

Низ Горно и Долно Маало во Вевчани повторно се собра Македонија и светот, преку маските на традиционалниот Вевчански карневал. По отворањето на кое пред повеќе илјади посетители се обрати министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска продефилираа маски кои повторно не потсетија на нашата "розова" стварност, на нашите маки и радости, на нашите маани и доблести... Видовме и како може Македонија да ја води Грција како мечка низ село...

Министерката Канческа-Милевска, како претставник од Владата длабоко свесна за самоиронијата што со себе ја носи оваа светски позната маскарада, ќе подвлече дека "Вевчанскиот карневал со себе ја носи традицијата, но и иронијата и сатирата на актуелните настани кои сосема спонтано создаваат една совршено превртена слика за времето и местото што ги живееме".

Тука беше и неизоставното Василичарско оро, на чело со зетот и невестата, по сокаците на "најмладата република на Балканот" - Вевчанската, се правеа и операции во живо, се откинуваа некои неопходни интимни делови... Но, видовме и актуелни фаци и настани премачкани со сите бои, во живописната поворка која го исполни Вевчани со многу позитивен дух. Според традицијата, Василичарите вечерта ја посветија на "одење по гости", каде кај добрите домаќини со смеа и шега ги бркаа лошите духови... Вечерта заврши со голема забава со Леб и сол, Дани и Благоја Грујовски и спектакуларниот голем огномет.

ФОТО: Н.БАТЕВ