Пандев принц на Рим
Ова е само еден од насловите во италијанските медиуми, по првиот хет-трик на македонскиот репрезентативец со кој Лацио победи во Реџо Калабрија.

Гранде Пандев, Пандев спасител на Рим, Пандев принц на Рим, Пандев играч на колото. Ова се само дел од насловите кои можат да се прочитаат во најтиражните спортски весници во Италија, а кои имаат за цел да ја опишат играта на нашиот интернационалец, кој за првпат во својата кариера успеа на еден натпревар да постигне три погодоци. Со неговите погодоци, Лацио славеше на незгодното гостување во Реџо Калабрија, а според последните информаци кои пристигнуваат од Апенинскиот Полуостров, најголемата ѕвезда во "светлосиниот" дрес, најверојатно ќе биде избран за најдобар поединец во 18. коло од Серија А.
- Како роден шампион ги решаваше ситуациите пред противничкиот гол. Вистински лидер. Тим со една ѕвезда. Кога игра Горан, Лацио игра маестрален фудбал. Невидена соработка со аргентинскиот интернационалец Мауро Зарате. Игра како полушпиц, на најдобар можен начин покажа како се игра пред противничкиот гол. Најдобар поединец. Неговата игра може да се оцени со 8, ова е дел од текстот во познатиот спортски весник, Кориере дело Спорт, а посветен на репрезентативецот на Македонија.

Неговиот соиграч, Пасквале Фоџа истакнува дека е многу лесно да се игра во тим каде што игра Горан Пандев.
- Многу важна победа. Се е полесно кога покрај себе го имаш македонскиот интернационалец Горан Пандев. Со неговата помош успеавме да славиме на ова тешко гостување, изјави повремениот репрезентативец на Италија.

Со првиот хет-трик во неговата кариера, Пандев успеа да се искачи на лидерската позиција во Лацио по број на постигнати погодоци сезона. Позади името на Македонецот се запишани вкупно осум гола и е седми меѓу голгетерите во Серија А, каде води Ди Вајо со 13 погодоци.