Акцијата во Љуботен беше легитимна
Нападот бил извршен врз претходно утврдени, легитимни цели. Иако тие биле во близина на цивилно население, нему не му е нанесена никаква штета, изјави за ВЕЧЕР, адвокатот Антонио Апостолски.

Адвокатскиот тим на Јохан Тарчуловски предводен од Американецот Ален Дершовиц, во петокот, два дена пред крајниот рок кој истекува денеска, до Хашкиот трибунал поднесе жалба на пресудата за 12 години затвор, која на Тарчуловски му беше изречена во минатиот јули.
Тимот бранители смета дека ќе успее да докаже дека Јохан е невин и тој да добие ослободителна пресуда, иако казната изречена од Трибуналот е висока. Пресудата е обжалена по повеќе основи и целта е да се докаже дека трите лица кои загинаа во селото Љуботен при полициската акција во конфликтот во 2001 година, всушност биле припадници на ОНА.
Одбраната на Тарчуловски најавува нови сведоци, а можно е во улога на сведок овој пат да се појави и поранешниот министер за внатрешни работи кого Трибуналот го ослободи од командна одговорност за акцијата во Љуботен и го прогласи за невин.

Жалбата за Тарчуловски ќе биде поднесена денеска откако Судот во Хаг го продолжи рокот по првичната одлука таа да биде поднесена кон крајот на октомври минатата година. Адвокатите на Јохан побараа дополнителен период да ја подготват.
Таа содржи 220 страници, а образложението во неа е дека акцијата во Љуботен била неопходна и легитимна бидејќи не постоела закана за напад на Скопје по наредбата на генералот на ОНА Гзим Острени, која требало да ја изврши 114-та бригада на ОНА. Нејзините припадници предводени од командантот Назим Буши тргнале од Матејче кон Скопје, но биле спречени кај Љуботен.

Адокатскиот тим, Ален Дершовиц и Антонио и Јордан Апостолски во жалбата вели и дека во акцијата учествувала и АРМ,а не само полицијата и дека пресудата се темели на изјави единствено на етнички Албанци за кои било утврдено дека имале барутни честички на рацете и дека учествувале во воените дејствија.
- Нападот бил извршен врз претходно утврдени цели. Иако тие биле во близина на цивилно население, нему не му е нанесена никаква штета, изјави за ВЕЧЕР, адвокатот Антонио Апостолски.
Обвинителството ќе треба да одговори на жалбата за 30 дена, по што адвокатите на Тарчуловски ќе имаат 15 дена за реплика.

(Г.Ма)