Шест децении живот на штиците под Марковите кули
 Театарот од градот под Марковите кули годинава слави шест децении, што официјално ќе ги реализираат преку прослава на 18.02.2010 година, датумот кога во 1950 година е одиграна првата претстава "Кир Јања".

Оваа, 2009 година за Прилепскиот театар по многу нешта е значајна. Основан во 1949 година, веќе шест децении во континуитет работи како професионален. Личната карта на НТ "Војдан Чернодрински", сега дел од НУЦК "Марко Цепенков", изгледа вака: поставени повеќе од 300 премиери, одиграни околу 6500 претстави, што во просек би значело за секоја театарска сезона по 5-6 премиери и по 100 до 120 претстави. Ансамблот е со 11 постојано вработени актери и 20 лица од технички и административен персонал. Одиграни се речиси сите позначајни дела од светската класика и современата драматургија. Гостувале познати режисерски имиња од Македонија како Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Бранко Ставрев, Коле Ангеловски, Сашо Миленковски...

Остварени се низа значајни гостувања надвор од Македонија: Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ, а преку океанот во Австралија.
На македонските сцени учествува на сите фестивали: Охридско лето, Млад отворен театар, ФКТ "Ристо Шишков" во Струмица и "Деновите на комедија" во Куманово. Организатор е и домаќин на најстариот државен професионален фестивал "Војдан Чернодрински", што се одржува во градот под Марковите кули.

Како што не информираше актуелниот директор на НУЦК "Марко Цепенков" Тони Чатлески, шестдеценискиот јубилеј официјално е закажан за 18.2.2010 год., датумот кога во 1950 година беше одиграна првата претстава - "Кир Јања" од Јован Стерија Поповиќ. За јубилејот ни гарантира уште една репрезентативна претстава. Подготовките за годишнината ќе почнат во текот на оваа година, а предвидено е и издавање монографија. Минатата година покрај продукцијата од пет претстави ("Глави" - праизведба, "Тапани во ноќта" "Службогонци" и детската "Волшебникот од Оз", и "Госпоѓица Јулија"), беше и година на претставата "Тапани во ноќта", од Брехт во режија на Мартин Кочовски, несомнено најдобрата претстава за минатата 2008 година во Македонија, со која на фестивалот МЕСС и трите награди, ја потврди и својата интернационална вредност.
- За годинава, исто како минатата, планирани се пет премиери и една детска претстава. Централно место ќе заземат домашните текстови: најновиот текст на Жанина Мирчевска, адаптација на делата од Стале Попов, драматизирани од Блаже Миневски и културниот Јане Задрогаз на Горан Стефановски. Од светската класика, ќе се работат "Бели ноќи" од Достоевски и "Тартиф" од Молиер. Што се однесува до гостувањата надвор од земјава имаме веќе потврдена бренд претстава ("Тапани во ноќта"), па така, предвидени се гостувања во Русија, Италија, Хрватска и други земји претежно во Западна Европа, ни рече Чатлески.


Борче ГРОЗДАНОВ