Од македонска носија до современа облека
 "Македонскиот фолклор основа за проектирање на современа облека" е наслов на книгата на авторот Андреја Китевски, која е објавена деновиве од издавачкото претпријатие "Камелеон".

Книгата содржи поглавја за најстарите начини на облекување, облекувањето во Библијата, во македонското народно творештво, во благословите, верувањата, народните песни...

-Се работи за истражување на вредностите на македонската народна носија, како и можностите за апликација на одредени нејзини елементи во модерното облекување. Разгледани се повеќе аспекти поврзани со начинот на облекувањето во Македонија во изминатите векови, односот на населението кон народните носии и појавата на новите влијанија во облекувањето. Се покажа дека народот многу држел до народната носија, дека ја збогатувал со одредени детали, везови, тантели и други украси, така што таа станала уметност со високи вредности, вели авторот за своето дело.

Инаку, книгата на Китевски содржи и поглавја за македонските народни везови, посебно за орнаментите на везот, за народните тантели, сорки како дел од народната уметност.
-Во Македонија модата најпрвин ја донесувале печалбарите, во меѓувоениот период тоа го правеле и студентите кои студирале во разни европски центри, но и трговците кои тоа го правеле смислено и организирано. Сепак, може да се заклучи дека промената на начинот на облекувањето не одело така лесно како што изгледа на прв поглед, додава Китевски.
Во книгата се покажани и некои начини за апликација на одредени елементи од народната носија во модерното облекување, а врз основа на народни носии од повеќе региони на Македонија направени се модерни кројки со што е покажано како народната уметност може да се искористи во текстилната индустрија.


Признание за дизајн

Македонскиот дизајнер Андреја Китевски од Скопје за својот проект "Кутија за чај" доби награда за најдобар дизајн на пакување, која му ја додели фирмата EngView Systems, спонзор на Биеналето на дизајн што неодамна се одржа во Софија. Pirina Technologies од Софија деновиве му додели и награда за стимул - Грамота и Сертификат за професионализам и креативност каде е нагласено дека му се врачува "за докажан професионализам и креативност".

 




Даниела ТРАЈКОВСКА