Студентите добија современа зграда
 Владата навлезе во темелни реформи и инвестиции во образованието, за што се отворија нови факултети и дисперзирани студии, се воведе електронско аплицирање за место во студентските домови, се делат ваучери за компјутери.

Реконструкцијата на оваа зграда чинеше 20 милиони денари, а пет милиони денари се потрошија за нејзиниот инвентар и уредувањето на пристапни патеки до неа, истакна премиерот Никола Груевски на свеченото пуштање во употреба на реконструираната машка зграда во Студентскиот дом "Стив Наумов".
- Образованието има цел да го подобри нашиот живот и животот на другите. Нашата крајна цел е да ја оставиме Македонија подобра од онаа што ја затекнавме - изјави премиерот Груевски.
Министерот за образование Перо Стојановски, напомена дека осовременувањето на образовниот процес на сите нивоа на образование, започнувајќи од основно до последипломски и докторски студии, претставува една од основните цели на Министерството за образование.

- Многуте години негрижа придонесоа студентите да ја живеат својата секојдневна егзистенција во услови непоимливи за 21 век. Оценувајќи ги ваквите состојби за неприфатливи, решивме реконструкцијата на студенстските домови да ја одреди како приоритетна и со тоа директно да им помогне на студентите во обезбедувањето на подостоинствено место на живеење, а со тоа и во подигнувањето на студентскиот стандард - потенцираше Стојановски, додавајќи дека оваа година Владата и Министерството активно ќе пристапат кон реконструкција на старите и отворање на нови студентски домови.

Во обновениот објект со капацитет од 278 легла ќе бидат префрлени студентите кои сега се сместени во руинираните бараки стари 45 години. Од останатите студентски домови, лани беше интервенирано и во женската зграда на "Стив Наумов", но таму се обновени само санитарните јазли.

(Г. Г.)