Заштитените податоци ќе стигнат до Обвинителство
 Од Генералштаб велат дека нема причина за тајни и криење на делови од извештајот. Штом обвинителството побара, веднаш ќе бидат доставени сите потребни податоци кои се сметаат за класифицирани
Класифицираните информации за хеликоптерската несреќа во која загинаа 11 македонски мировници ќе му бидат достапни на јавниот обвинител, посочуваат од Генералштабот на Армијата. Ваквите најави доаѓаат по јавниот повик од обвинителот Стерјо Зиков за докомплетирање на информациите кои до него ги испратила владината Комисија. Обвинителот Зиков вчера ни посочи дека се уште ги нема добиено заштитените податоци, но вели, сигурно ќе ги добијат, по што ќе донесат одлука.

- Сигурно ќе ги добиеме потребните податоци. Мора да ни ги достават за да може да се одлучи дали ќе има пријави за некого или не. Откако ќе ја комплетираме документацијата ќе се состанеме и ќе донесеме одлука, вели Зиков.

Од Генералштаб, пак, велат дека нема причина за тајни и криење на делови од извештајот. Штом обвинителството побара, веднаш ќе бидат доставени сите потребни податоци.
Информациите ќе останат класифицирани само за пошироката јавност, а не и за истражителите. Јавно на веб-страницата на Владата веќе е објавен извештајот на Комисијата за испитување несреќи со неколку заштитетни прилози. Како причина за падот на хеликоптерот МИ - 17, во кој беа мировниците кои се враќаа од мисијата АЛТЕА во Босна се наведени лошото време, неисправни и невклучени инструменти, неколку погрешни одлуки, непрофесионалност на екипажот, недоволна обука за инструментално летање. Комисијата која ја спорведе истрагата и го изготви извештајот утврдила вкупно 18 посериозни пропусти. Најголемата одговорност се лоцира во Армијата и Министерството за одбрана. За понатамошната истрага и одговорност се чека одлуката на јавното обвинителство. Во понеделник се навршува една година од трагичната смрт на 11 мировници кои 6 месеци поминаа во Босна. Во несреќата близу катлановске Блаце животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетан Бране Спасовски, капетан Игор Ѓорески, заставник Славчо Василев, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, постар водник Мики Ивановски, постар водник Александар Тасковски, постар водник Александар Васиќ, десетар Златко Вељановски.

Билјана ЗАФИРОВА