Блажо Тодоровски “Чичето” (1902–1943 год)
Роден во с. Ресава1902 год., во сиромашка фамилија. Немајќи средства останува да работи на имотот како земјоделец прехранувајќи ја многубројната фамилија.

Но тој е по природа бунтовен и неустрашлив па се бори против неправдите уште во старото Ју-кралство под српска хегемонија.

Блажо Тодоровски - Чичето (1902-1943)
Со бугарската окупација во 1941 год. веднаш трга во собирање на оружје и материјали за предстојното семакедонско востание против Бугарите. Во тоа ги крстари селата на Тиквешијата особено пред исфрлањето на одредот “Добри Даскалов”. Во овие негови активности постигнува голем успех, тој формира групи за прифаќање на илегалните кадри и нивно префрлање во македонските вооружени формации за борба против Бугарите.

Мај 1943 год. тој е во првите редови на одредот “Добри Даскалов”. Заради прекаленоста и искуството уште против српските административно-полициски структури а и против новите бугарски окупатори, Блажо Тодоровски е поставен за Заменик комадир на одредот. Тој уште од првите борби на одредот е постојан пример за храброст и двигател на моралниот и борбен дух кај борците на македонскиот отпор во Тиквешијата.

Особено е запамтен по херојските подвизи во битките кај селата: Ресава, Гарниково, Бојанчиште и Драдња. Подготовките по селата кои тој предходно ги крстареше и создаваше силни народни ќелии за македонската герилска помош, се докажаа во најсилно светло. По сите села на Тиквешијата македонските борци беа прифаќани и помагани со се што поседуваше македонскиот народ од оружје и лекувања, храна, облека и др.

Јуни 1943 год. Одредот има задача да изврши напад на стационираните бугарски сили во с.Никодим а Комадир на ударната јуришна група е токму Чичето. На чело на групата, Чичето успешно го води нападот нанесувајќи му тешки загуби на бугарскиот окупатор. Сепак во тие жестоки престрелки и судири, Чичето е тешко ранет па останува отсечен, но и во таква состојба дава жесток отпор. Кога муницијата му привршува, сам се убива не дозволувајќи му на душманот да се гаври со него.

Неговата смрт болно одекна низ Тиквешијата, во знак на признание за долгогодишната негова македонска борба против разните поробувачи на Македонија, прогласен е за Народен херој на Македонија на 11.X.1953 год.