Киро Крстев – Страшо (1923-1944 год)
Роден е 1923 год во Кавадарци од занаетчиско и сиромашно семејство. И самиот подоцна немајќи материјални можности станува ковачки занаетчија.

Бунтовен по природа не ја поднесува националната потчинетост на македонскиот народ од владеачката српска власт па се вклучува во илегалните македоснки прогресивни младински движења.
Интензивно и се самообразува читајќи многу разновидна литература сакајќи да го надополни испуштеното образование.

Киро Крстев - Страшо (1923-1944)
1941 год. по бугарската окупација на Македонија, Киро Крстев не мирува и се насочува кон новиот окупатор на македонскиот народ. Ковачкиот занает му е покритие за движењата не само низ Тиквешијата но и пошироко а во организирањето на македонскиот народ за вооружено востание.

Врши интензивна набавка на оружје и други материјали за потребите на герилското македонско движење. Меѓу првите излегува со одредот “Добри Даскалов” и станува еден од неговите раководители и инструктори. Учествува во најтешките битки на одредот давајќи личен пример за храброст и пожртвуваност кон идеалите за слободата на македонскиот народ.

Пролетта 1944 год. илегално доаѓа во Кавадарци заедно со соборецот Димче Мирчев за прифат на нови младинци во македонските вооружени ослободителни редови. Во една од куќите каде треба да биде изведен прифатот тие се откриени од бугарските полициски и воени сили кои вршат брзо опколување со големи сили од близу 700 непријателски војници и полицајци. Започнува нерамноправна битка - повеќе од седум часа. Кога привршува муницијата Димче Мирчев самиот се убива, а Киро Крстев прави обид за пробив низ обрачот. Успева да ја напушти куќата и го пробие обрачот но по стотина метри смртно е покосен од митралески оган дури во раните утрински часови на 07 април 1944 год. на улиците од неговиот непокорен роден град.

Херојскиот подвиг и држење на Киро Крстев остануваат светол вечен пример на неговите сограѓани и воопшто на македонскиот народ.

За народен херој е прогласен на 20. XII. 1951 год.