Хитлер и бугарските братја за Македонија во 1944 г
Заради брзото надирање на Црвената армија кон Бугарија, Германците се усмеруваат на Македонија и Србија т.е. Вардарско-моравската долина која мораат по секоја цена да ја бранат заради предстојното извлекување на Групата армии ”Е“ од Грција.
Војници на Црвената армија
На 29 август 1944 год. Командата на Југоистокот, и издава директива на Групата армии ”Е“ нагласувајќи ја посебната важност од “цврсто држање на средишниот дел од Балканскиот полуостров”, кој бил важен за воената индустрија и за обезбедување на функционирањето на најважните сообраќајни врски на подрачјето од “Југоисток”.

Ова значеше дека треба на секој начин да се држи во свои раце Македонија и Србија. Особено критична по Германците беше Македонија во која македонскиот народ беше целиот востанат против германско-бугарската окупација. Никогаш, ниту Бугарите ниту Германците не успееја да поведат ниту минорен дел од македонскиот народ како своја вооружена квислиншка поткрепа како што тоа се успеа во Србија каде повеќе десетици илјади четници беа спремни до крај да се борат за нив.

Заради ова во почетокот на септември 1944 год. Генерал-лајтнантот Хајн Шојерлен е поставен за Командант на оружените сили во Македонија, со седиште токму во Скопје. Покрај ова, Командата на Југоисток, им издава и општа директива на Групата армии “Е“ и 2-та оклопна армија за дејствата во Македонија (а има и наредби што се однесуваат и за Србија).

На 07 септември 1944 год. Командантот на Југоистокот ја пренесува наредбата на Адолф Хитлер дека подрачјето од Командата на Југоистокот мора да се брани “до последен војник и до последен куршум“.

Ванчо Михајлов, Хитлеров слуга и пробугарски водич во Македонија
Откога пристигнува во Скопје, Генералот Шојерлен се ослонува на Бугарите кои и покрај претстојната капитулација се и понатаму верни на Хитлер како и нивните домашни слуги. Така, Генералот Шојерлен најпрвин го повикува од Загреб најпознатиот бугарски слуга и водач на пробугарската ВМРО, Ванчо Михајлов за да образува некакви тела и власт во Македонија. Ванчо Михајлов по задача од Германците овојпат образува “Национален македонски комитет”. Замислената цел беше приближување до македонскиот народ преку вакви наизглед “македонски национални” стремежи и движења, зашто увидоа дека без почитување на истите ќе немаат успех.

 Анализитие на Германците покажаа дека и комунистите го придобија македонскиот народ само и само заради почитување на неговите засебни македонски национални стремежи. Но сега ова беше закаснет чин на Германците а уште повеќе неуспешен зашто на чело од “македонски национален” комитет поставија човек познат по пробугарски национални каузи.

Затоа и проектот замислен како државност на Македонците - не успеа, пропадна заедно со се Ванчо Михајлов и грстот бугарска братија. Македонската држава се создаде, но од онаа страна каде беа за цело време на бугарската окупација илјадниците македонски синови, страната на антихитлеровата коалиција. Таа страна ги прогони на крајот и Бугарите и бугарските слуги и Германците и нивните слуги и сателити, таа страна ја создаде новата држава на македонскиот народ.