Македонците во судир со Групата армии “Е“
Од 27 август 1944 год., како река почна да тече германското повлекување на Групата армии “Е” од Грција кон Македонија и натаму кон север
Во почетокот на септември сите македонски единици на отпорот своите акции ги усмерија кон главната сообраќајница на ова големо повлекување, Вардарската долина и низ нејзе железничкиот и сувоземен пат по кој тоа се одвиваше.
 
Гордото престројување на Германските окупатори пред нивното протерување од Македонска територија
Ова особено важи за периодот од 01 до 07 септември 1944 год. кога единиците под команда на Главниот штаб на НОВ и ПОМ постигнаа многу убав успех во операцијата “Недела на стаорите“ (“Ratweek”). Македонците извршија многубројни разорувања на магистралата: Гевгелија-Скопје-Ниш и во потполност ја оневозможија 4-та СС полициска дивизија да се пробие по Вардарско-моравската долина кон Белград.

Имено, во септември 1944 год. оваа магистрала токму на делот низ Македонија беше 18 дена неупотреблива, а исто и од Куманово кон Ниш потполно е исфрлена од употреба. Германците беа приморани пешки и со малиот број моторни возила низ тешко пристапни нови траси да се префрлаат некако до Скопје, а од таму, низ Качаничката клисура преку Косово нагоре кон Србија. Во септември всушност целиот сообраќај во Македонија практично е парализиран. Македонскиот народ удри со сета жестина во разорувањето на сообраќајот, тој застана со своите борбени единици и даде еднаков допринес во спречувањето на Германците да се извлечат од Балканот.

Низ Македонија беа рушени мостови и тунели, откинувани се пруги, а групи бомбаши, дури и по стотина луѓе постојано беа во акција. Германските и бугарските единици и нивните помагачи немаа мир.

Рушење на главните сообраќајници заради оневозможување на бегството на окупаторот
Покрај главниот правец на повлекување Солун-Гевгелија-Скопје-Ниш, германските единци се повлекуваа и на крилните правци низ Македонија. Тие правци беа преку Дојран и Лерин, но и преку Битола и Прилеп кон Скопје. Сепак и таму македонските единици не мируваа. Сите сообраќајници беа срушени а нешто подоцна во октомври 1944 год., тие се пресечени целосно па германските единици кои надираат од Грција мораат да се повлекуваат со многу тешкотии накај Качаничката клисура.

Во средината на септември во околината на Дојранското езеро пристигаат две германски дивизии кои, како странични, имаат задача да овозможат извлекување на главните сили од Групата армии “Е“ поставувајќи се странично кон македонско-бугарската граница од Гевгелија и Дојран преку Пехчево и Кочани до Крива Паланка. Додека тие две дивизии, заради жилавиот отпор, кој им го приредуваат бројно послабите македонски единици на тие подрачја, па споро напредуваат, од правецот: Солун-Гевгелија-Скопје настапува 117-та ловечка дивизија со цел да се извлече од Македонија и со засилен марш да стигне да ја зајакне одбраната на Белград.

Истовремено од запад на правецот: Битола-Прилеп-Скопје надира друга германска дивизија која исто така има за цел да се извлече од Македонија и ги зајакне германските сили во северна Србија за предстојниот очекуван силен удар на Црвената армија од исток. Но и на овој правец и оваа дивизија беше под силен удар од македонските единици па трпи не мали загуби во луѓе и техника дури да се извлече од Македонија. Сето тоа значително ги успори замислените “брзи” извлекувања на Германците и придонесе за нивен пораз на крајот.