Кокино календар
Старите опсерватории имале многу важна улога во организирањето на животот на заедницата. Опсерваториите служеле за правење на календар кој имал двојна намена.
Од една страна тој помагал во разбирањето на природниот циклус на растителниот и животински свет и за организирање на земјоделските и сточарски активности. Со едноставно палење на оган на врвот на опсерваторијата кој доминира во круг од триесетина километри им се соопштувало на луќето дека дошол денот за започнување со орање, сеење, жнеење, изведувањето на стадата на пасење и сл. Со тоа опсерваторијата имала клучна улога во зголемувањето на приносите во земјоделието и подобрување на сигурноста и квалитетот на живеење на заедницата. Преку континуираното следење на движењето на Сонцето и Месечината древните набљудувачи од друга страна можеле да го определат доаѓањето на деновите за изведување на ритуалите и обредите. 

Со тоа календарот помагал во организацијата и религиозниот живот на заедницата. Спомнатите обреди поврзани со Големата Божица Мајка, Богот Сонце и денот на жетвата очевидно се само дел од богатиот спектар на обреди и ритуали кои се изведувале на Мегалитската опсерваторија Кокино. Тие сведочат за една развиена и добро фундирана космогонија изградена во имагинацијата на жителите кои живееле на овие простори во времето кое се означува како бронзено доба во развојот на човековата цивилизација. 

Археоастрономската анализа на локалитетот го утврди постоењето на два таканаречени временски маркери со чија помош се мерело времето на опсерваторијата. Се покажа дека на древната опсерваторија се правел лунарен календар со циклус од 19 години. На набљудувачите од тоа време им бил познат фактот дека во ист календарски ден една иста фаза на Месечината се појавува во еден од маркерите еднаш во 19 години. Со тоа биле поставени основите на лунарниот календар од Кокино. Веднаш до маркерите кои го означуваат местото на изгревање на полната Месечина во деновите на најголем застој во зима и најмал застој во лето, постојат маркери во кои изгрева полната Месечина еден лунарен месец подоцна. 

При тоа должината на лунарниот месец во зима е 29 дена, а во лето 30 дена. Со едноставно набљудување на изгревањето на полната Месечина во тоа време внимателните набњудувачи на опсерваторијата можеле да забележат дека за разлика од обичните години со по 12 лунарни години, секоја 2, 5, 8, 10, 13, 16 и 18-та година имаат по 13 лунарни месеци. Во обичните години имало шест зимски месеци со по 29 дена и шест летни месеци со по 30 дена. Во престапните години се додавал еден летен лунарен месец со должина од 30 дена. На тој начин се мерело времето според наведената табела. Овој календар овозможувал добра согласност со реалните сезонски промени и правилна организација на земјоделските и сточарски работи.

www.kokino.org.mk