Рајна Соколова (1905-1943 год.)
Македонскиот херој - мајка на три деца родена е во Кавадарци во 1905 год.
Уште веднаш по бугарската окупација на Македонија се вклучува активно во помагањето на народноослободителното движење. Токму во нејзината куќа се оддржуваат илегалните состаноци од македонското движење на отпорот против бугарската окупација.

Активна е особено при исфрлањето на партизанскиот одред “Добри Даскалов” на почетокот од 1943 год. во пазувите на шумната и бунтовна Тиквешија. Се истакнува и при пренесувањето материјали за движењето, оддржувањето врски со илегалните функционери и базата како и во работата меѓу жените при собирање помош за партизанскиот отпор.
Сите нејзини активности колку и да беа внимателно прикривани не можеа да не останат сомнителни за бугарскиот окупатор кој почнува да ја следи.

Јуни 1943 год. е фатена од бугарската полиција, затворена и ѕверски измачувана за да ги открие врските со движењето т.е градската илегална мрежа и силите на вооружениот македонски отпор. Но храбрата Македонка останува нема на сите измачувања, испрашувања и ѕверски тепања.

13 јуни 1943 год. заедно со група дотогаш фатени и држени борци и илегалци е одведена во месноста “Фаришки Дол” кај с. Фариш. За последен пат тука Бугарите бараат од неа признание а кога не го добиваат пак е најѕверски измачувана а потоа и стрелана заедно со останатите 10-мина храбри Тиквешани. Рајна Соколова го положи животот на олтарот од измачената и поробена татковина – Македонија најдиректно пркосејќи му на нејзините окупатори – Бугарите и нивните бескрајно алчни апетити.