Црковната борба меѓу Македонците и Бугарите
Црковно- просветната борба против Цариградската патријаршија и нејзината доминација со текот на времето ги опфатила скоро сите “словенски” народи под Османлиска власт, - но посебен интензитет добила во Бугарија и Македонија кои за разлика од Србија сеуште биле под турско ропство.
Во црковно-просветната борба, израз на националните стремежи на македонскиот и на другите народи под Османската империја, уште од почетокот се испреплеле политички интереси и интриги. Во неа Турција гледала средство за меѓусебно насочување на трите народи - Бугари и Македонци, од една, и Грци, од друга страна - како и за елиминирање на руското влијание во земјата (Големите сили, а пред се Русија, сакале оваа борба да ја исползуваат, заради што долго настојувале да ги ограничат целите на борбата).

Во црковно-просветното движење, водено заеднички од македонскиот и бугарскиот народ, дошле до израз различните национално-политички интереси на двата народа. Со развојот на борбата таа разлика се повеќе се манифестирала, за да стигне до јавно негодување и незадоволство во Македонија против стремежите на бугарската буржоазија на борбата да и даде исклучиво бугарски национален карактер, да ги прошири над Македонија своите аспирации.


Центарот на буграскиот Егзархат во Цариград

28.II. 1870 год., под овие околности, како резултат на долгата борба, бил објавен ферманот за формирање на одделна бугарска црква - наречена бугарска егзархија. Во составот на новата црква се вклучени и епархии вон етничката Бугарија, како Нишката и Пиротската во Србија и Велешката во Македонија.

Издавањето ферман за бугарската егзархија било политички акт. Преку неговиот 10-ти член им се овозможувало и на други епархии да се приклучат кон Егзархијата доколку 2/3 од населението се искаже за тоа. Врз основа на ова право кон Егзархијата се приклучиле и Скопската и Охридската епархија како “помало зло” (всушност ќе стане многу поголемо) од дотогашна грчка доминација. Така османската влада створила можност за трајни и исцрпувачки борби меѓу двете цркви, осигурувајќи си во исто време место во спорот во улогата на арбитар.


Митрополитот Теодосиј Гологанов, како Македонец по род ќе го кулминира македонскиот отпор против Егзархијата
Членот 10-ти ги задоволувал и аспирациите на бугарската буржоазија. Објективно тој му давал можност и на македонскиот народ да се извлече од доминацијата на Патријаршијата, но не одговарал на неговите настојувања за самостојна црква. Кај македонскиот народ се јавуваат барања за обновување на Охридската архиепископија, па макар и со помошта на папата. Но, тоа не ја сменило политиката на Егзархијата, која станала изразител на бугарските тесно-национални експанзионистички цели обновување на некогашната голема Бугарија на Балканот.

Таа не само што немала намера да го признае партнерството на македонскиот народ во црковната борба против патријаршијата, туку посегнала и врз автономијата на црковно-училишните општини, настојувајќи да им наметне за претседатели свои луѓе. Последиците биле: загушувањето на самостојноста на македонскиот народ и започнувањето на пропагандните борби на соседните земји во Македонија.