Хатихумајунот од 1856 год. и други реформи
Реформската активност на Османската империја по Кримската војна, со брзо темпо продолжува особено со издавањето (18.II.1856) на т.н. Хатихумајун кој прокламирал верска и национална рамноправност за сите народи, мешани судови, право на христијаните да стапуваат на државни должности и служат војска итн.


Хатихумајунот од 18.II.1856 на медељон
Со Хатихумајунот се реорганизираат - државната администрација, судството, полицијата, даночниот систем и др. Врз основа на него, во 1865 год. е донесен закон за нова административна организација и се создадени вилаетите. Македонија е во составот на три вилаета: Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот - подоцна Скопскиот а во нив влегувале и територии вон Македонија. Со оваа административна организација Македонија е до крајот на турската доминација.

Кримската војна оставила трајни последици во Османската империја. Се поттикнала стопанската активност, се зголемува земјоделското производство, занаетчиството и др. Подобрени се старите и отворени нови патишта. Во Македонија се подобрила патната мрежа: Скопје-Куманово-Крива Паланка, Куманово-Врање, Велес-Прилеп-Битола, Битола-Ресен, Битола-Воден, Мелник-Серес итн.

Вардар и Црна река се прилагодени за пловидба.Со бротчиња, чамци и шајки се врши извоз на разни стоки – главно земјоделски продукти кон Солун по што особено биле познати пристаништата од Тиквешијата, во Велес и Росоман (на Црна река). Овие пристаништа биле со толку силен интензитет и трговија што во Велес и Росоман заживеале повеќе еврејски трговски семејства кои преку Солун ги тргувале стоките ширум светот (во Росоман била и една од најстарите барутани). Но овие пристаништа се силни до појавата на железницата 1873 год.

- Започнало и поставување на првите телефонски линии во земјата, а кон крајот на 60-тите години од XIX век и трасирањето на железничката линија Солун-Скопје. Подобрената патна мрежа ја зголемила трговската активност. Не само што се развил внатрешниот пазар во Македонија, туку и се интензивирала меѓународната размена.Особен развој има панаѓурската трговија. Панаѓурите во Прилеп, Серес, Неврокоп итн. станале главни центри на трговската размена со странство.

Кримската војна отворила и процес на брзо потпаѓање на Османската империја под доминацијата на западните земји. Отворајќи се кон индустриските производи на западот, Турција го довела во прашање позитивниот развој на сопственото стопанство. Тоа поради ниската продуктивност не било во состојба да ја издржи конкуренцијата на индустриските стоки. Последицата е опаѓање на занаетчиството, а подоцна и на земјоделието.


Султанот кој го донесе рефромскиот закон, Абдулмеџид I

Во исто време, поради задоволување на зголемените внатрешни потреби и на барањата на државната бирократија, Турција била принудена постојано да се задолжува кај западните финансиски кругови. Тоа водело кон уште поголемо губење на економската и политичката независност на земјата и кон влошување на положбата на населението. Исплаќањето на заемите барало зголемување на фискалните давачки на населението.

Оваа положба на македонскиот селанец во некои делови на Македонија била влошена и со населувањето на извесен број Татари и Черкези од Крим и Кавказ. Тие не само што ја добивале плодната земја, туку тероризирале и пљачкосувале. Влошената положба појавила стремеж за емигрирање кон поголемите градски центри но и кон Романија и Австрија (во 60-те години во Битолско се јавил стремеж за емигрирање и кон Русија). Но ова и ќе ги засили ајдучките движења ширум Македонија.