Не смееме да го менуваме името!
Разговор по повод 64-годишнината од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември

Оваа порака упатена до политичките партии, институциите и сите Македонци ја испрати другарот Цветко Гаревски-Црни, борец од 12 Македонска народно-ослободителна бригада и директен учесник во операцијата за ослободување на главниот град


"Не смееме да потклекнеме пред притисоците и да го менуваме името. Ние сме Република Македонија - држава со свој јазик, историја со библиски корени и никакви придавки или додавки не смеат да се прифатат. Оти, сите придавки и додавки подоцна ќе ни донесат други придавки и додавки. Се друго освен двојната формула ќе значи предавство и плукање врз оние кои низ историјата ги положиле животите за Македонија". Оваа порака, на 64-годишнината од Ослободувањето на Скопје, 13 Ноември до политичките партии, институциите и сите Македонци ја испрати другарот Цветко Гаревски-Црни, борец од 12 Македонска народно-ослободителна бригада и директен учесник во операцијата за ослободување на главниот град. "Нашата историја не е од пред 50 години, ние имаме длабоки корени и затоа сум сигурен дека оваа нација ќе биде силна како и секогаш во историјата кога ни се решавала судбината. Да не дозволиме друг да не учи како треба да се однесуваме како држава, да не не учи никој, бидејќи имаме големо искуство од 1913 година, со полн жар апелира овој витален 83-годишник, кој со чиста мисла и со војнички став раскажува низ што се поминувал заедно со своите соборци во борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Затоа, она што денеска најмногу го повредува е неединството на Македонците.
- Велат дека Македонија е вештачка творевина на Тито и КПЈ. Како вештачки, кога Македонија постоела векови пред формирањето на Комунистичката партија. Корените на нашата државност се уште од времето на Филип Втори и Александар Македонски, од Цар Самуил, од Крушевската Република. Во 1945 година со 150.000 борци слабо вооружени, без муниција, но со храбост и идеја создадовме држава, а сега некој да се поигрува со неа. Наша грешка е што не сме почнале грчката лага да ја откриваме порано. Европа греши за Македонија, а наша задача е да и ја кажеме вистината. А таа е очигледна, каде и да чепнеш по македонско тло излегува историјата - вели другарот Црни.

За борбата за ослободување на Скопје од фашистичката окупација раскажува како таа да се случила вчера. "Кога на 11 ноември 1944 година ја добивме наредбата следниот ден да почнат борбите за ослободување на Скопје, ни беше најсреќен ден, се радувавме и пеевме партизански песни - вели другарот Црни, кој како 18-годишник учествувал во ослободувањето на минираната брана на Хидроцентралата "Матка". "Почнавме да пукаме, а од спротива веднаш добивме силен отпор. Бидејќи залихите на муницијата ни беа мали, мојот соборец и врсник Италијанецот Николо Малдини- Николче, ни рече да го штитиме за да земе муниција од еден загинат Германец. Отиде, ги грабна двата сандаци и тргна кон нас, но по неколку десетина метри падна. Помислив дека се препнал, но кога пак се крена, го видов целиот облеан во крв. И таков ранет успеа да ги дигне сандаците, ги донес, рече "победивме" и падна, раскажува нашиот соговорник. Благодарение на таа муниција браната ја спасивме од минирање кое ако се случеше ќе предизвикаше голема катастрофа, бидејќи Скопје ќе се поплавеше, раскажува Црни. Вакви херојски битки се воделе на неколку локации во градов. Откако биле ослободени виталните објекти и институции во градов, била прогласена слобода.

Тој, 13 ноември сите граѓани излегле на улица и со цвеќе и песна заеднички ја славеле слободата.