Нов пакет на македонски јазик
МАЈКРОСОФТ


Компанијата Мајкрософт го претстави новиот пакет за јазичен правопис и речник (интерфејс) во 2007 Office system на македонски јазик. Пакетот за интерфејс на македонски јазик и на кирилица кој е превод од англиската верзија, може да се преземе од веб сајтот www.microsoft.com.mk/lip. Од Мајкрософт велат дека алатката за проверка на македонскиот правопис е изработена во соработка со професори од Филолошкиот факултет во Скопје. Додатоците на македонски јазик во Office system компанијата почна да ги вградува во 2004/2005 година и оттогаш развива подобрени верзии на пакетите.

Димитар Грозданов, специјалист за технологии во Мајкрософт појасни дека корисниците кои добро не знаат англиски јазик, со алатката можат да ги префрлаат менијата на македонски јазик, но во секој момент можат да се вратат на основната ставка на англиски јазик.
- Вграден е речник на зборови, опфатени по род, член и по други граматички категории на македонскиот јазик. Со инсталираниот правопис се обележуваат непознатите зборови или интернационализмите во текстот, а корисникот може да креира сопствена база на зборови - вели Грозданов.

На www.microsoft.com.mk/recnik, до средината на февруари ќе може да се внесуваат предлози од јавноста за зборови и изрази што ќе го збогатат и надградат македонскиот речник во јазичниот интерфејс. Директорот на Мајкрософт Македонија, Илијанчо Гаговски рече дека иницијативата е резултат на заложбите за зачувување на кирилското писмо и подобрување на деловната комуникација на корисниците на нивната технологија.