Во Неготино отворен Музеј на виното
СО ФИНАНСИСКА ПОМОШ НА ИТАЛИЈАНСКАТА ВЛАДА

Според Донатино Маркон, амбасадорот на Република Италија во Македонија музејот има посебно значење бидејќи со тоа само се потврдува дека Италија, која е број еден земја во светот по производство на вина, ги цени македонските сортни вина


Македонија вчера го доби првиот Музеј на виното, кој беше отворен во Неготино. Ова е прва институција од ваков вид во земјава од која се очекува да биде катализатор на развојот на винарството и лозарството, алтернативниот туризам во неготинскиот регион, но и пошироко. Музејот треба да биде вистински промотор на македонското бренд вино во светски рамки. Проектот го подготви Фондацијата "Тиквешки вински пат", а е реализиран со финансиска поддршка од Италијанската влада. Инвестицијата е вредна 90.300 евра, од коишто 60.300 евра се донација на италијанската влада, а останатите 30.000 евра се обезбедени со кофинансирање од општински средства и дел од Фондацијата "Тиквешки вински пат".

За Донатино Маркон, италијанскиот амбасадор во Македонија, музејот има посебно значење бидејќи со тоа само се потврдува дека Италија која е број еден земја во светот по производство на вина ги цени македонските сортни вина.

- Сметаме дека отворањето на една ваква културна институција во Неготино ќе придонесе не само кон развојот на винската култура, целокупното културно живеење, туку и за развој на туризмот во регионов - вели Ѓорѓи Кимов, градоначалник на Неготино.
Тој е задоволен што токму во неговиот град е отворен првиот вински музеј, бидејќи се отвори вратата кон Европа и светот.

Во музејот се изложени и стари артефакти,односно разни древни садови кои се употребувале за вино, што само потврдува дека во земјава виното се точело од секогаш и дека имаме долга традиција. Во музејот се најдоа и вината на познатите винарии: Чекорови, Пивка, Повардарие, Дудин, Бувин, но како што кажа градоначалникот Кимов, Музејот е отворен за соработка и за останатите вински визби во реонот.

Инаку,Фондацијата Тиквешки вински пат со реализацијата на овој успешен проект само потврдува дека локалниот економски развој на неготинскиот крај е токму преку алтернативниот туризам, винарството и земјоделството.