Уште еден камионџија жртва на грчкиот национализам
НОВА АНТИМАКЕДОНСКА ПРОВОКАЦИЈА ВО ГРЦИЈА
Откако грачката амбасадорка во Македонија им препорача на македонските граѓани да пријават кај грчката полиција ако на каков било начин бидат нападнати за време на нивниот престој во Грција, штипјанецот Т.П. се обидел да го пријави графитот "Macedonia is greek" и "Fuck Skopia", кои му биле испишани на камионот, но бил игнориран

Со пораки "Македонија е грчка" и "Fuck Skopija" испишани со син спреј на церада од приколка на камион, вчера од Грција се врати штипјанецот Т.П.
Графитот испишан на англиски јазик, возачот на камионот го забележал дури кога пристигнал на граничниот премин "Стар Дојран". По препорака на грчката амбасадорка во Македонија, Александра Пападопулу, која минатиот месец изјави дека македонските граѓани треба веднаш да пријават на грчката полиција ако при нивниот престој во Грција бидат на кој и да е начин нападнати, возачот Т.П. (57) од Штип се обидел инциденот да го пријави кај грчката полиција. Оттаму бил игнориран и пропуштен да премине кон граничниот премин на македонска страна.
Веднаш штом пристигнал, Т.П. случајот го пријавил кај македонската полиција.

Штипјанецот управувајќи камион со штипски регистерски ознаки истиот ден возел на патот Солун - Дојрани. Околу 17 часот влекачот од товарното возило го однел во сервис, а приколката од истото ја откачил на околу 100 метри од сервисот. По излегувањето од сервисот, продолжил со возење и кога стасал на граничниот премин од страната на Р. Грција, Т.П. забележал дека на задниот дел од приколката со спреј во боја имало испишано зборови на англиски јазик "Македонија е грчка".

Според податоците на македонското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на оваа година во Грција имало седум инциденти во кои биле малтретирани македонски државјани, главно возачи на камиони

Еден од последните скандали кои ја разбранува македонската јавност беше во јуни годинава кога грчките полицајци натерале македонски камионџии со гумени ракавици и со метли да го исчистат целиот граничен премин кај Дојран, бидејќи само така можеле да ја преминат границата за влез во земјава.

Пред само еден месец тројца македонски новинари и еден снимател беа приведени во полициска станица од грчката полиција во селото Забрдени, Леринско.Тие биле легитимирани, им ги провериле документите и ги испрашувале еден час и 20-ина минути. Главно прашањата биле - зошто сте дојдени, што снимате. Истиот ден во придружба на полициски "ескорт" биле испратени кон граничниот премин Меџитлија.

Новинарите требало да информираат за инцидентот кој се случи во октомври во Грција кога беа уапсени четворица Македонци, а еден беше повреден во судирите на локалното население со грчката армија.